Јункер со порака до Грците: „Не” на референдумот за новиот договор значи „не” на ЕУ

Од:

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска одржа, се чини историска прес-конференција во Брисел, во која во емотивен настап, набиен со жестоки и искрени пораки, тој побара од Грците да кажат „ДА“ на претстојниот референдум за прифање на договорот за кредитирање со меѓународната финансиска “Тројка” (Европска комисија, Европска централна банка и Меѓународен монетарен фонд).

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Јункер во својот настап со позадина во која симболично беа споени знамињата на Грција и на Европската унија, го потврди и она што се шпекулира со месеци и години, а тоа е дека напуштање на Еврозоната ќе значи и збогување со Европската унија за Грција.

– Својот европски живот го започнав кога Европската унија имаше десет држави-членки во декември 1982 година, а откако една година порано се приклучи десеттата – Грција. Тогаш бев среќен што Грција се приклучи и така ја заокружи ЕУ која тогаш се нарекуваше Европска заедница. Тогашниот француски претседател Ален-Жискар Дестен рече: Не сакавме Платон да игра во Втора лига! И тоа се уште не го сакаме. Сега сме 28 земји-членки и по многу напори и жртви ја помиривме европската историја и географија. Имаме 28 земји-членки од кои 19 работат со една заедничка валута, а сакаме таа да остане заедничка и уште други да се приклучуваат во годините што доаѓаат. Ова е Европа на помирување и компромиси, Европа која сака да ги разбере другите, Европа која е и мое значајно животно дело, Европа што сака да соработуваме трпеливо и одлучно и врз заеднички интереси, истакна Јункер на почетокот на својот говор.

Тој рече дека Брисел не сака да даде поддршка на судири на националните интереси, колку и да се тие оправдани. Според него, не може само да се размислува за индивудуални, национални интереси и дека Европа е место на политичка волја, не на национални егоизми и дека е потребно се да се остварува низ дијалог што ќе биде полн со почитување и да се организираат индивидуални акции за доброто на сите.

– Во Европа, ниту една демократија не вреди повеќе од друга демократија. Во Еврозоната има 19 демократии, а не една спротивставена на 18 или 18 против една. Секоја од тие демократии има свој глас и секој народ вреди еднакво. Сите поединечно се граѓани и државјани на ЕУ. Не блефираме и тоа не е нашата игра. Нема тука победници, ниту поразени. Посебно сум тажен поради тоа што се случи минатата сабота во Европа, кога во само една ноќ, Европа претрпе голем удар. Добрата волја е фрлена во ветер, егоизам, тактизирање и популизам ја надсилија други аспекти и покрај моите настојувања и труд, како и оној на Еврокомисијата и другите институции кои учествуваа во процесот, се чувстувам малку издаден. Имаше многу гласини, а тоа го надгласа она што се работеше ден и ноќ и се гордеам со тие со мене што не се штедеа за да се одржи единството на европското семејство. Несогласувањата премногу се драматизираа, затоа и не беше можен договор во интерес на сите, а најмногу на Грција. Се говореше за ултиматуми, уцени и „земи или остави” , потврди Јункер.

Претседателот на Еврокомисијата запраша кој е вклучен во сето тоа и од каде доаѓааат тие навреди и закани и недовршени реченици што луѓето ги наведуваа на крива мисла минатиот петок, после месеци расправи и разговори.

– Ние уште еднаш бевме одлучни, трпеливи и работевме заедно да постигнеме најдобар можен договор. Нашиот труд и настојувања еднострано беа отфрлени низ кампања да се каже НЕ на овој договор и најавата за организирање на референдум. Ниту една демократија не може против 18 други и тоа не е став што е достоен на големата грчка нација и воопшто тој не е добар ниту за другите европски државјани и граѓани, ниту за грчките граѓани кои во недела се повикани на референудм, а не добија јасна слика за тоа, посочи Јункер.

Челникот на неформалната Влада на Европската унија истакна дека тој направил се што можел, а и дека другите во Брисел се труделе и дека тие не ја заслужиле критиката што е против нив насочена, ниту пак Јерун Дeјселблум, кој е претседател на Еврогрупата, а кој силно се трудел да се постигне договор. Јункер исткана дека Европа е поделена на солидарност и одговорност и дека другите европски држави минувале низ тешки времиња.

– Ирска, Португалија, Шпанија, Летонија, Кипар… сите нивни Влади мораа да донесат тешки одлуки, се заборави дека некои платија висока политичка цена поради солидарноста и фианнсискате поддршка на најслабите. Што треба да се приоритетите? Потребна е одговорност пред индивидуалните биографии, а државите пред партиите! Како претседател видов колку беше тешко за некои држави да ја решаваат својата криза и социјалните потешкотии што следеа, но политичките лидери во тие држави покажаа одговорност за носење на потребни одлуки кои денес се исплатуваат, истакна Јункер.

– Грчкиот народ ми е многу близок и драг, рече челникот на ЕК и потенцира дека тоа не го говори само формално. Тој додаде дека се обидувал со сите сили и докажал низ годините дека е на страната на грчкиот народ.

– Знам со какви потешкотии се соочуваа и секогаш говорев дека е потребно поголемо внимание на социјалната правда во нашите програми. Изминатите месеци лично бев вклучен во процесот на преговори и ден и ноќ. Грчкиот излез од Еврозона за мене не беше и нема да биде опција. На грчките пријатели им го говорам тоа кога го кажувам да не помислат дека јас ќе дадам конечен одговор или решение пред сите и дека тоа не може да биде некој конечен одговор. Ги искусив и проверив сите можности со грчките власти, а секогаш во интерес на грчкиот народ. Важно е да се каже дека создавајќи добри услови за единствен договор за другите 18 демократии што инвестираа милијарди евра, пари на даночните обврзници што ги упатуваат на Грција. Сето тоа се правеше во вистински европски дух, темелен на меѓусебна доверба, без ултиматуми, потенцира претседателот на Еврокомисијата.

Според Јункер, тој направил се што било можно за да се избори процес на договор и потсети дека се излегуваше пресрет на челниците на грчката Влада и дека во Атина имале разговори, а за тоа била составена бриселска група наместо „Тројката”. Тој потсети дека говореле и преговорале со многу грчки преговарачки тимови кои постојано се менувале и дека на политичко ниво работеле што сакале грчките власти и тие секогаш во разговорите учествувале на високо политичко ниво. Јункер потсети дека тој е избран од Европскиот парламент и дека тој и челникот на Еврогрупата лично разговарале за тоа со грчките водства, не оставале се на технократи и дека досега не се преговарало никогаш на такво ниво.

– Заедно со мојот тим никогаш не ја исцрпивме одлучноста и трпениете кое ни требаше кога грчката страна постојано нешто одложуваше. Сакавме компромис кој ќе задоволи и ќе донесе со себе добра содржина. Сакаме да потсетиме дека навистина одевме далеку за да постигнеме социјални мерки, но и фискална консолидација и раст на се што треба и за грчката Влада. Нашиот пакет бара многу, но е сеопфатен и праведен. Се расправаше за него со денови и месеци и да биде јасно, нема големи кратења, кратења на пензии, намалувања… Понудивме поголема социјална правда, поголем раст и современа и транспарентна јавна администраицја. Има полно случаи кога ние во ЕК моравме да бидеме тие што инсистираат на социјално праведни мерки и јас очекував Владата на Грција на тоа да инсистира повеќе и тоа да биде нивен манифест – истакна Јункер.

Првиот човек на неформалната Влада на ЕУ посочи дека не се работело за некаков „глупав пакет на мерки за штедење”, иако некои од мерките ќе бидат болни, но краткорочно, а пакетот оди и подалеку од фискалните мерки и предлага јасен пат напред, ги намалува фискалните оптоварувања и на Владата на Грција и дава повеќе време да ги постигне.

– Гледаме дека сега од Грција се бара 12 милијарди евра помалку заштеда и грчката Влада со тоа веќе се согласи и ги поздрави, иако нашата расправа беше жестока. Фискалната консолидација значи држење на јавните финансиии под котнрола и јакнење на шансите за отворање на нови работни места. Многу држави имаат повисоки фискални цели иако долговите им се помали. Нема кратење на платите во овој пакет, тоа никогаш не ни беше опција. Тоа што е опција беше модернизација, осовременување на јавниот сектор и ревидирање на постапките за колективно преговорање. Тоа треба да се прави во согласност со најголемите европски парактики, во согласност со институциите и меѓународна организација за работна сила. Како што реков, нема никакви кратења на пензиите, тоа го знае грчката Влада и тоа мора да го знаат Грците. Грчката Влада се согласува дека на пензискиот состав на Грција му е потребна реформа да се одржи и ваков каков што е пензискиот систем на Грција е неодржлив! – предупреди Јункер.

Тој рече дека секој треба да придонесе за тоа според своите можности и затоа поттикнување на рани пензионирања се очекува, а алтернатива е дека Владата на Грција може да ги надомести мерките со алтернативи додека во бројки тоа функционира. Пакетот, според него, значи дека се цели и внимава на оние кои се најчувствителни, со минимални примања, но да се биде сигурен дека од сите се бара што е можно попропорционално да дадат и да не се намалуваат правата на она на што граѓаните имаат право. Тоа не се крати, рече Јункер, посочувајќи го правото на одбрана.

Јункер рече дека има многу предизвици и дека мисли дека било потребно многу време и тој лично работел да и наметне на грчката Влада да дава помалку поволни даночни услови на бродосопствениците. Пакетот, рече тој, вклучувал и поголема социјална правда низ борба против корупцијата, против која мора да се борат сите за поголема социјална правда, поддржувајќи транспарентност на јавната администрација, вклучително и независна даночна администрација. Тоа, рече тој е ново правило што мора да биде применето и на Грција и на Владата на Грција.

– Ние бевме тие што тоа го нудевме и настојувавме да го протуркаме. Нашите предлози не беа во целост прифаќани. Морам да нагласам дека во последните месеци Јерун Дeјселблум направи одлична работа и со цел раст да се постигне брзо. Нема брзи патишта кон тоа и скратени патишта за решение на грчкиот проблем. Зошто цената на енергијата и нја некои стоки во Грција се меѓу највисоките во Европа? Затоа што нема конкуренција и затоа што не се води грижа за интересите. Стабилен даночен состав помага на вложувањата и не може ретроспективно да се води данок на профит за 2014 година. Несигурност е нешто што е многу лошо и може да се тргне со договор кој е добар за грчкото стопанство и за грчкиот народ – посочи Јункер.

Според челникот на ЕК, ликвидноста што би дошла од овој пакет би помогнала за отворање на работни места. Тој потсети дека грчките претставнции заминале од преговарачката маса неочекувано, а преговорите не се довршиле и дека договор не се финализирал.

– Во петокот работеше и Еврокомисијата со другите и сакаше да работи на намалување на ДДВ-то за хотелите на 13, наместо на 23 отсто. Нашите грчки колеги ја напуштија масата во најлош момент. Дeјселблум и јас објаснивме дека договор за овие мерки би можело да резултира со нови фианнсиски инјекции за Грција наредните месеци и дека Еврогрупата е подготвена да расправа за тие мерки од ноемеври 2012 година уште оваа есен. Разговаравме веќе за европскиот механизам за стабилност и Премиерот Алексис Ципрас сето тоа го знае. Тоа би бил пакет за раст од 35 милијарди евра за отворање на нови работни места и за тоа се говореше со денови, часови и сите комесари ги ставија сите елементи на место за на Грција да и се даде пакет од 35 милијарди евра. Не се работи само за фискална консолидација, туку да се успее да се понуди на Грција можност за раст на стопанството. Со потпретседателот на Комисијата, Валдис Домбровскис тоа го предлагавме на Грците. Поместивме ридови и така работевме до последната минута кога грчките претставници ја затворија вратата – појасни Јункер.

Претседателот на Комисијата истакна дека тој нема ништо ново денеска да понуди, ниту да предложи, туку дека опишува предлози што биле на маса, а за кои се разговорало. Тој кажа дека Грците не знаат многу за флексибилноста и одлучноста на ЕУ и дека не знаат детали, ниту нешто за последната понуда. Јункер истакна дека тој има обврска да ја информира грчката јавност и да ги објави сите елементи на европската понуда за која се говореше со грчките претставници. Тоа, според него го знаат Грците и дека мора да знаат што беше вистината, за што се работи, кои се елементи биле предмет на расправа. Според него, грчката Влада е свесна за сите овие елементи и дека би било добро тие да му ја кажат вистината на грчкиот народ, а да не ја поедноставуваат својата порака за во недела.

– Во демократијата, апсолутно е легитимно да се праша народот на референдум, но просечните граѓани заслужуваат да ја знаат целата приказна и вистина и да знаат дека вратата од наша страна е се уште отворена. Тоа не е крај на овој процес! – посочи Јункер.

Според претседателот на ЕК, не е точно дека се на слепа улица, но потсети дека нема време и дека му е незгодно што постојано повторува, но дека сега се во последната минута!

– Минатиот петок, по Самитот на Европскиот совет, не ни знаев дека грчката Влада ќе ги прекине преговорите и реков дека ќе се борам до последната милисекунда за договор. Сега сме во последната милисекунда за да најдеме решение и подготвен сум со другите земји-членки да се дојде до договор, за да работиме на Еврозоната. Не се работи за хартија што се испраќа таму и ваму, туку за лирика што е во позадина на тоа, врзано за тоа што треба да го направиме. Не е прашање на гордост ниту на Грци, ниту на членките на ЕУ, туку да се вклучи политиката и да одлучи дали ќе им служи на граѓаните или ќе се повлече на позиција. Други членки на Еврозоната се трудеа да и излезат пресрет на Грција, земајќи ја предвид и националната специфичност и јавното мислење. Сите се трудеа да вклучат нешто, но тоа не беше целосходно и оваа игра, а се работи за тоа, треба да ја прекинеме! – истакна Јункер.

Челникот на ЕК рече дека ова е важен момент за грчкиот народ и за луѓето во Еворпа и порача дека е време Грците да проговарат и да обликуваат сопствена судбина за ова, но што е поважно – за следните генерации.

– Ова е момент е за грчките политички челници да покажат одговорност и да им кажат на граѓаните за што се работи. Дека нема да биде лесно, но дека тоа е потребно. Други тоа го сторија, како Ирците, Шпанците, Португалците… Ова е момент на вистината! Нема да дозволиме грчкиот народ да пропадне, никогаш! Знам дека грчкиот народ не сака да ја остави ЕУ на цедило. Грција е членка на европското семејство и сакаме членовите на тоа семејство да се заедно. Сакам да го замолам грчкиот народ да гласаат со ДА, независно за прашањето што ќе им се постави на референдумот! Прашањето може и да се промени во последните неколку денови. Ако грчкиот народ каже ДА на предлогот што вчера го објавивме, како предлог на „Тројката” заедно со Јерун Дeјселблум, тоа ќе биде подобро. Дури и ако грчката Влада стави на гласање предлози што ги дадоа трите институции, а за тоа разговаравме во саботата, ќе го замолам грчкиот народ да каже ДА. Зошто? Затоа што по грчкото гласање ќе се испрати позитивен сигнал за Грција и другите членки на Еврозоната ако грчките граѓани во целост се свесни за националната, но и за европската улога ако гласаат ДА. Тоа е порака за другите членки, но и за оние надвор од границите на ЕУ, а тоа е дека Грција сака да остане со другите членки на Еврозоната, а исто така да остане и во ЕУ. На Грците им го порачувам следното, а тоа е дека тие ми се допаѓаат и сакам да им кажам дека не смеат да направат самоубиство ако се плашат од смрт! – „распали” Жан-Клод Јункер, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Јункер рече дека за тоа какво и да биде прашањето на референдумот, дека другите европски граѓани не знаат, но дека Грците треба да кажат ДА оти Грците, според него – се уважени граѓани и се горди на својата земја и дека “треба да кажат ДА на Европа и дека Грција е Европа, Европа е Грција!”.

На прашањето дали оваа грчка Влада има веродостојност за спроведување на договорот со „Тројката”, ако Грците кажат ДА на референдумот за прифаќање на договорот, Јункер рече дека тие ги разбираат сите потези од петокот. Тој истакна дека не ја обвинува Владата на Грција што ги напушти преговорите, но дека премиерот Ципрас не го известил за тоа.

– Овој состанок траеше 20 часови и тој најави ќе оди на референудм и тоа е право во демократијата. Но, тоа мене лично ме изненади. Разговарав со Ципрас за да разјасниме, тој се обиде со аргументи и не ја обвинувам грчката Влада, но беше разочарувачки на политичко и на човечко ниво. Се обидов се! – одговори Јункер.

За тоа дали неговиот денешен настап би бил контрапродуктивен во Грција и би ги поттикнал грчките граѓани одлучно да кажат НЕ на мерките предложени од „Тројката”, претседателот на Еврокомисијата истакна дека се работи за важна порака до Грција, но и до другите во истата група.

– Не сум сигурен дека мојата порака може погрешно да се протолкува или да предизвика негативни реакции во Грција. Луѓето надвор од Грција не читаат грчки весници и не знаат какво прашање ќе биде на референдумот. Ако контактирате со луѓе надвор од Еврозоната, сите сметаат дека негативен одговор на поставено прашање значи дека Грците сакаат дистанца од Еврозоната и од Европа. Но, според истражувањата на јавното мислење, иако многу не ги поддржувам, сепак тие покажуваат дека има повеќе Грци што ни веруваат од оние што не ни веруваат. Тие покажуваат дека луѓето се обидуваат максимално да се ангажираат и дека сакаат да останат во Еврозоната. Не сакам да ја романтизирам приказната, но говорам за тоа да се покаже дека грчките граѓани покажуваат дека местото на Грција е во Еврозоната.

Прашан што грчкото НЕ на референдумот за европскиот договор би значел во недела, Јункер со кус одговор:
– Не на референдумот би значело и не на Европа!

На крајот во својот говор, Јункер истакна дека Европската комисија е политичка комисија и поради тоа тој се ангажирал во тие преговори што дојдоа во финална фаза во рамки на Еврогрупата и дека тој секогаш сакал да одигра своја улога.

– И понудивме на грчката Влада можност и секогаш сакав најголемо ниво на политички челници во Европа да бидат вклучени во овие напори. Се работи за одговорни лица кои работат во ова подрачје, но никогаш не сме имале толку бројни расправи како сега меѓу европските челници. Тоа е можност и грчките граѓани да покажат дека Еврозоната не е само нешто технократско и нешто што го инспирираат политичките челници што сакаат да ги поврзаат работите меѓу Европа и Грција и сакаат да овозможат Европа и Грција да најдат вистинско решение во интерес на Грците и другите Европејци – заврши Јункер.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Морничав случај во Грција: Син го запалил телото на татко му, делови пронајдени во корпа

Мицотакис: Во овие околности меморандумите нема да се ратификуваат во грчкиот Парламент

Маринакис: Другата страна не ги почитува основните работи, односно името на земјата, која не се вика Македонија, туку Северна Македонија

Каселакис: Меморандумите се позитивни за Грција и од геополитички и од економски причини

Сè додека трае оваа ситуација нема да ги ратификуваме меморандумите, повторно порака од Грција

Катерина Ѓуровски

Грчкиот Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за сезонската авиолинија меѓу Скопје и Крф

Катерина Ѓуровски