Интензивно се врши реконструкција на регионалниот пат Штип-Радовиш, по кој се одвива сообраќај од Штип кон Радовиш и Струмица. Фирмата „Штрабаг“, која го гради експресниот пат Штип-Радовиш е задолжена да изврши рехабилитација на 21 километар од регионалниот пат. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во реконструкцијата, кај местото викано „Пилав Тепе“.
Инвестицијата е во вредност 2.400.000 евр, а министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека како никогаш досега се работи на реконструкција на регионалните и магистрални патишта, но и на изградба на нови делници.
-Се правват бројни реконструкции, што е уште поважно се работи на патишта на кои 40 или 50 години апсолутно ниту метар асфалт не е фрлен. За жал изминатите десет години се инвестираше во други непродуктивни работи. Во моментов што е многу важно за овој регион е дека се инвестираат над 100 милиони евра во два експресни пата и тоа Штип-Радовиш и Штип-Кочани. Гледате денеска и овде се реконструира, изјави Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека до август ќе се заврши реконструкцијата на регионалниот пат Штип-Радовиш. Забележа дека на 20 метри од овој пат интензивно се гради и новиот експресен пат Штип-Радовиш, а за кој истакна дека веќе во август и таму ќе почне ставањето на првиот слој асфалт.
-Во моментов се работи на рехабилитација на над 400 километри патишта низ нашата држава, што регионални, што магистрални, што автопатишта. Не е потребата само да градиме нови автопатишта, а старите да ги забораваме, вели Китанов.
Што се однесува за вториот лот од новиот експресен пат Штип-Радовиш од штипската населба Три Чешми до мостотот на реката
Брегалница и од рудникот „Бучим“ до влезот на Радовиш, Китанов истакна дека е завршена квалификациската тендерска постапка, а проектот се реализира преку Европската инвестициона банка, а понудите на фирмите се испратени во Лондон во седиштето на банката и веќе се очекува повратен одговор, која од фирмите ќе биде избрана за изведувач на градежните работи.
Министерот за транспорт и врски, Сугарески забележа дека имаат реконструкции и на патишта во Малешевско-пијанечкиот регион и во струмичкиот регион, кон границата со Бугарија.
-Сакам да потенцирам дека во делот на капиталните инвестиции, кои се исклучително важни. Она што го прогнозирав за вториот квартал, конкретно во Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта имаме одлична динамика на реализација. Тоа претпоставувам дека и сите и оние што не скаат да го видат после завршувањето на вториот квартал на 30 јуни, бидејќи интензивно се инвестира во делот на гасификацијата и во делот на железниците и се разбира во делот на патната инфраструктура. Реализацијата е на одлично високо ниво и во делот на гасификацијата знаете дека е направен гасоводот од Штип до Неготино интензивна динамика имаме на лотот од Неготино до Битола, вели Сугарески.