За подобро и полесно позиционирање на пазарот, остварување деловни партнерства, интернационализација, иновации и отворање нови работни места, малите и средните претпријатија (МСП) да ја искористат Европската мрежа на бизнис можности, апелира Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, неопходно е и интензивирање на регионалната соработка за поголема конкурентност на МСП.
– Неопходно е да се развиваме како единствена инвестициска дестинација со истакнување на различните компаративни предности што ги има секоја економија од регионот, фирмите од земјите во соседството да ја унапредат колаборацијата за да го подигнат нивото на конкурентност на регионот на пазарот на ЕУ, рече Влатко Стојановски од Комората на прес-конференција.
Акцент треба да се стави, дополни, на развивањето на регионалната инфраструктура за подобро поврзување со европските држави, како и на креирањето заеднички регионални ланци за снабдување и настап на трети пазари.
Европската мрежа на бизнис можности постои десетина години, застапена е во околу 60 држави, а во неа се вклучени 600 партнерски организациии и 3.000 експерти. Преку македонскиот конзорциум лани поддршка за партнерство добиле 119 домашни компании, вкупно 137 странски покажале интерес за соработка со наши фирми, а остварени биле 36 бизнис партнерства.
– Годишно, на глобално ниво, повеќе од 250.000 мали и средни претпријатија добиваат некаква услуга од партнерските организации на Мрежата, а 52.000 добиваат совети за унапредување на нивната иновативност, раст и интернационализација. Преку 20.000 комапнии, пак, преку Мрежата учествуваат на меѓународни настани, информира Стојановски.