„Бехтел и Енка“ бара од Стопанска Комора да им обезбеди 4.000 работници за работа на автопатите

Од:

Стопанската комора на Северна Македонија стои на располагање во изнаоѓање, односно вмрежување на локалните домашни компании кои треба максимално да бидат вклучени при реализација на активностите во сите фази на проектот за коридорите 8 и 10д, било договорено на вчерашниот состанок на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и неговите соработници со раководството на компанијата „Бехтел и Енка“.

Двете страни, како што соопшти Стопанската комора на Северна Македонија, се договориле и понатаму да ги продолжат контактите со засилено темпо со што би се олеснила реализацијата на овој проект.

На состанокот, Азески и раководството на „Бехтел и Енка“ разговарале за динамиката за остварување на планираните активности. Притоа од страна на Азески било потенцирано дека за нас е многу значајно да завршат на време сите планирани активности бидејќи реализацијата на овој круцијален и најголем инфраструктурен проект е значаен не само за нашата држава туку и за целиот регион па и пошироко.

Од страна на раководството на „Бехтел и Енка“, како што е наведено во соопштението, било подвлечено дека тие во моментот интензивно работат на сите подготвителни работи и теренски истражувања кои се важни за реализација на активностите и дека се во постојана соработка и координација со домашните надлежни институции во врска со тие активности.

Раководството на „Бехтел и Енка“ побарало поддршка од Стопанската комора на Северна Македонија во насока на обезбедување на работна сила која за целиот планиран период додека ќе трае реализација на проектот треба да достигне бројка од 4 000 работници (квалификуван кадар-инженери и сл. како и неквалификуван кадар-општи работници).

-Стопанската комора на Македонија ќе поддржи секакво решение што ќе значи побрза и поквалитетна активност при реализација на овој проект (Коридорите 8 и 10д) со оглед на фактот дека сметаме дека ова е најзначаен инфраструктурен проект во наредните 10 години, се посочува во соопштението.

Договорот со „Бехтел и Енка“ беше потпишан во март минатата година и со него е предвидена изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа – Струга-Ќафасан на Коридор 8 и Прилеп-Битола на Коридор 10 Д.

„Бехтел-Енка” во регионот има реализирано проекти за изградба на автопатишта во Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Турција и Романија. Заедно, „Бехтел-Енка” имаат изградено повеќе од 28.000 километри автопати и патишта, 100 тунели и 26 големи мостови

Би можело да ве интересира

Жителите на прилепски Оревоец со иницијативи и претставки до судовите за ископот на „Бехтел и Енка“

Европски фронт: Дали „Вреди“ се согласиле со ВМРО за ревизија на Коридорот 8

Новата влада ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“, а во првите сто дена ќе објави и инвестиција во енергетиката, најави Мицкоски

Предраг Петровиќ

Владеењето на правото и борбата против сивата економија и корупцијата, клучни проблеми за бизнисот

Жители на прилепското село Оревоец на протест поради најавените минирања од компанијата „Бехтел и Енка“

Захариески од ЗНАМ: На гостиварци им се одземаат имоти за автопатот по непристојни цени