Дојче веле – Бон
Рајанер, Јуровингс, Виз… Ги викавме „лоу кост“ или „евтини“ авио-превозници.
И иако тие се повеќе го освојуваат небото над Европа, се подалеку се од тоа да останат евтини. Дури иако нивната услуга по правило остана евтина.
На небото над Германија се повеќе доминираат „евтини“: Речиси третина летови се линии на така наречени „лоу кост“ авио-превозници. Секоја недела од германските аеродроми полетуваат 4.850 нивни авиони, 1.200 повеќе од минатата година. Тоа значи дека за 35 отсто пораснал бројот на патнички места во нивните авиони, а речиси за четвртина има повеќе одредишта на кои со нив може да се одлета. Во исто време, удвоен е бројот на такви прекуокеански летови – од 92 линии во зимата минатата година, на 182 линии оваа зима.
Меѓутоа, истражувањата што ги спроведе германскиот Центар за авио-сообраќај и вселенски летови (ДЛР) меѓутоа покажува дека патниците имаат се помалку корист од таквиот начин на лет.
Поскапи, но „вистински“ одредишта
На прво место би требало да биде цената, но картите за апсолутно сите такви превозници во меѓувреме поскапеа. Најевтин е унгарскиот Виз, но и тој во просек поскапе од 44 на 53 евра по лет, вклучувајќи ги и таксите. Уверливо и далеку најскап е германски Јуровингс, чии карти поскапеа во просек од 105 на 117 евра по лет. Втор е Рајанер чија просечна цена на карти од 54 минатата, порасна на 79 евра оваа година.
Во анализата на ДЛР, поскапувањето се толкува и со „објективни фактори“: По периодот на евтина нафта, цената на керозинот порасна. Скокот на цените, меѓутоа, пред се е последица на промена на деловната стратегија. Рајанер, на пример, беше познат по тоа што лета од локални аеродроми, често сместени во длабоки недојдии – добар пример е аеродромот Франкфурт Хан, који од главниот аеродром во Франкфурт е оддалечен дури 125 километри. Сега, меѓутоа, „евтините“ се повеќе полетуваат од главните аеродроми во Германија – од „вистинскиот“ Франкфурт, Минхен или аеродромот Келн/Бон. Деловната логика е јасна: Таму се патниците и таму сакаат и да одат. А иако се таксите повисоки, авионите полесно се пополнуваат.
Или во мојот авион, или пешки!
Уште еден проблем е монополот: од вкупно 6.520 линии на „лоу кост“ компании, за дури 5.683 практично нема алтернатива односно на таа линија не лета никој друг. Таквата положба на превозниците им овозможува да ја диктираат и цената, но и (скромниот) квалитет на услугите. Инаку, на само 751 линија постои уште еден превозник што лета на иста дестинација, а на само 86 линии може да се бира меѓу три или повеќе превозници – тоа се разбира се најпопуларните дестинации како Лондон, Даблин или летувалиштата во Шпанија.
Причината за преселување на главните аеродроми се и деловните патници, се поважен сегмент на „евтините“ превозници. За таквите патници, кои не плаќаат карта од сопствениот џеб, „лоу кост“ компаниите нудат цел спектар „дополнителни услуги“ кои често се многу скапи – одличен пример секако е „Хепи Снек“ на Јуровингс.
И иако упорно ја шири мрежата на линии, најголемиот германски „евтин“ превозник – Јуровингс, ќерка-фирма на Луфтханза, се најде на почетокот од ова лето на удар на жестоки критики, токму поради катастрофалниот однос кон своите патници. Некогаш можеби повремено и доцнеле, но од средината на јуни тие доцнења се зголемија на часови, па дури и на денови. Имено, десет од 77 авиони, кои Јуровингс ги доби со аквизиција на Ер Берлин, требаше веќе да почнат да летаат, но нив едноставно ги нема. Од Луфтханза велат дека станува збор за „минливи технички проблеми во регистрацијата“ – што и да значи тоа.
Јуровингс секако е добар пример за тоа колку „евтините“ авио-превозници по секоја цена сакаат да бележат раст. Но за патниците – тоа не мора да биде добра вест.