Сојузот на стопански комори (ССК) смета дека треба да им се помогне на земјоделците во однос на откупната цена на пченицата.
Како што изјави денеска потпретседателот на ССК Горан Ѓорѓиевски, производната цена моментно е двојно повисока од пазарната цена.
Според Ѓорѓиевски, квалитетот на лебното жито годинава е релативно добар, а има и добри приноси.
-Треба да им се помогне на земјоделците, да се обмисли на кој начин тоа да се стори. Не може да се доведат во таква ситуација, да одат во дебели загуби или практично, на некој начин во пропаст. Се надевам дека ќе се изнајде некаков финансиски модус зашто е недозволиво да одат во загуба. Треба да се види точно каква е калкулацијата, каква е пресметката, да се седне да се разговара и да се прифатат констурктивни решенија, истакна Ѓорѓиевски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски не кажа колку е откупната цена на пченицата.
-Во моментов не знам точно што се случува, само знам дека производната цена е двојно повисока од моменталната пазарна цена, нагласи потпретседателот на ССК.
Во врска со квалитетот на лебното жито, рече, се работи за релативно добра година.
-Со оглед на врнежите оваа година имаше добар мај за производителите, а тоа значи и добра реколта. Но, врнежите продолжија и во јуни па имаше проблеми. Сепак, се работи за релативно добра година во однос на квалитетот на житото. Има добри приноси, но квалитетот има мали недостатоци, потенцира Ѓорѓиевски.
Производителите се жалат дека откупната цена на пченицата е 9 – 10 денари, а производната изнесува 19 денари. Националната мрежа на земјоделци на 11 јули излезе со барање за интервентен откуп.