Надоврзувајќи се на слоганот на енергетската заедница на Европската унија „Енергетската ефикасност на прво место!“ и препораката до државите да ги искористат потенцијалите за вработување во градежниот сектор, еколошкото здружение Гоу Грин денеска во Скопје организира „Форумот за зелени работни места и еколошко образование“.
Форумот е организиран со поддршка на Европската унија и Швајцарската амбасада, а има за цел да отвори дијалог за потребите на пазарот на трудот во секторот енергетска ефикасност, да поттикне интерес кај младите за изучување на енергетската ефикасност во рамките на стручното образование и да поттикне вработување во градежниот сектор.
Во студијата „Национaлни придонеси кон климатските промени“, изработена од „Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој“ при МАНУ се вели дека во Македонија, изградбата на нови згради по нов стандард за енергетска ефикасност и надградбата на стари згради може да отвори 3.500 нови работни места до 2030 година.