Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалниците на Битола и Прилеп, и професори од Техничкиот факултет-Битола денеска одржаа форум посветен на „Важностa на Пан Eвропскиот Коридор 10-д за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија“.
Во своето обраќање на форумот, министерот Сугарески истакна дека примарна цел на Владата е изградбата на патната и железничката инфраструктура, а потврда за тоа, како што рече, се потпишаните договори за инфраструктурна градба.
– Во делот на Коридорот 10-д ние сме сериозно посветени и тоа може да се забележи со потпишаните договори за градба, како што е патот Градско-Прилеп кој се гради на три делници, а во план е и изградбата на експресниот пат Прилеп-Битола-граничен премин Меџитлија. За тоа очекуваме час поскоро завршување на проектната документација, посочи министерот Сугарески.