Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Македонска берза денеска потпишаа меморандум за соработка, со цел на македонските компании да им се овозможи пристап до алтернативен извор за прибирање капитал. ФИТР презентираше и можности за пристап до глобална интернет платформа „Фандербим“ за финансирање и трговија што овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори низ Европа.
Северна Македонија преку Македонска берза е прва држава од регионот на Западен Балкан, што ќе има пристап до оваа интернет платформа за финансирање.
– Владата преку Фондот за иновации и технолошки развој останува и понатаму посветена да ги поддржува домашните компании. Она што сега го правиме е на компаниите, покрај средствата обезбедени од буџетот да им овозможиме пристап и до други извори за финансирање, особено на европскиот пазар, па и во глобални рамки. Македонија не е изолиран остров, Македонија е веќе дел од глобалните финансиски трендови на финансирање и инвестиции во иновации и технолошки развој, посочи директорот на ФИТР Јован Деспотовски.
Тој посочи дека покрај средствата коишто ги вложува Владата, имаат за цел приклучување во глобалните финансиски текови, и средствата што се вложуваат во компаниите и во нивниот развој да бидат достапни и за македонските фирми.
Иван Штериев, извршен директор на „Македонска берза“, очекува преку заедничката соработка на двете институции во иднина да се создаде нов значаен канал за финансирање на домашните иновативни претприемачи.
– Македонска берза во наредниот период ќе се обиде да го олесни процесот на финансирање на стартапи, мали и средни претпријатија, следејќи ги искуствата на некои други берзи во регионот. Берзата неодамна потпиша договор со компанијата Фабдербим (Funderbeam SЕЕ“) која што е дел од една иновативна платформа за колективно финансирање на глобално ниво, рече Штериев.
Преку платформата, како што појасни Штериев, македонските компании ќе добијат можност за полесно небанкарско финансирање, а домашните инвеститори ќе можат да вложуваат во домашни бизнис проекти со што ќе се изврши поефикасна алокација на домашните заштеди.
Досега преку Фандербим се инвестирани осум милиони евра во компании, од кои 4,3 милиони евра во минатата година. Платформата овозможува пристап до инвеститори во 113 држави, а компаниите можат да се поврзат со глобалната инвеститорска сцена. Платформата таргетира седум региони – Велика Британија, Нордиските земји, Балтикот, Јужна и Источна Европа, Сингапур и Бразил.