Европските лидери ја продолжуваат расправата за буџетот

Од:

Специјалниот самит на Европскиот совет посветен на усогласување на висината на буџетот на Европската унија за периодот од 2014 до 2020 година, кој рано утринава беше прекинат, продолжува во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА, лидерите на земјите-членки на ЕУ плус Хрватска се далеку од договор и денеска се очекува претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј да излезе со нов предлог во врска со седумгодишниот буџет на Унијата, оти синоќа неговата идеја тој да изнесува вкупно 973 милијарди евра не помина.

Најголем проблем, според очекувањата, се јави со барањето на премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, касата на ЕУ да биде попразна од она што го нуди Ван Ромпуј. Иако предлогот на претседателот на ЕС е за 75 милијарди евра понизок од она што го бараат Европската комисија и Европскиот парламент, Британците инсистираат на уште 100 милијарди евра помалку.

– Јас не мислам дека има доволно напредок досега, постои проблем во однос на тоа што нема напредок во предлозите за скратување на дополнителните трошоци. Не е време за крпење, не е време за префрлање пари од еден дел од буџетот на друг. Нам ни треба кратење на трошоците што не можеме да си ги дозволиме. Тоа е она што се случува во нашиот дом и истото треба да се случи и тука во Брисел, изјави Камерон пред денешното продолжение на состанокот на Специјалнито самит.

Како што пренесуваат европските медиуми, синоќа британскиот премиер изненадувачки добил силна поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел во намерата ЕУ да се натера повеќе да штеди. Од таа причина, денеска веќе на големо се говори за британско-германски сојуз наречен “Камеркел” или “Меркерон”. Од друга страна, лидерите на помалите членки на Унијата бараат поголем буџет и се верува дека денеска тешко ќе дојде до договор.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска потврди дека лидерите на земјите-членки на Европската унија се далеку од договор за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за идниот седумгодишен буџет на Унијата. Пред продолжувањето на состанокoт на Специјалниот самит на Европскиот совет, Меркел порача дека нема драма ако лидерите не постигнат договор.

– Имавме можност синоќа да го разгледаме предлогот на претседателот нa Советот, Херман ван Ромпуј и јас не верувам дека сме блиску до изнаоѓање на договор во оваа фаза. Веќе реков дека нема да биде драматично ако не се договориме при нашиот прв чекор денеска. Во ставовите сме далеку едни од други и ако ни треба втор чекор тогаш ќе ни биде потребно време, истакна германската канцеларка Ангела Меркел.

Во случај Советот да не се договори за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2014-2020, тогаш, според правилата Унијата би продолжила да функционира со актуелната буџетска рамка, а која во моментов е 953 милијарди евра за периодот од 2007 до 2013 година или по околу 136 милијарди евра годишно. А, не се исклучува ниту можноста наскоро да има нов Специјален самит посветен на оваа тема, што Меркел го најави уште пред вчерашниот состанок. 

Би можело да ве интересира

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија