Европската комисија денеска реши да го блокира најавеното спојување на подружниците за производство на шински возила и железничка опрема на германскиот гигант „Сименс“ и на француската компанија „Алстом“, договор што беше поддржан и од владите во Берлин и Париз.
Како што јави ДПА, двете компании сметаат дека спојувањето би им овозможило поголема конкурентност со странските ривали, како што е кинескиот ЦРЦЦ, чиј годишен промет е двојно поголем од оној што би го имала фирмата што требаше да се формира со спојувањето на подружниците на „Сименс“ и „Алстом“.
Европската комисија, сепак, ги отфрли агрументите за поголема конкурентност на потенцијалната нова компанија, оценувајќи дека таквиот гигант би можел да има моноплска позиција во Европа и да ги прекрши правилата на конкуренција на ЕУ.
– Ова спојување би можело да разултира со зголемување на трошоците на патниците и на цените на следната генерација возови со голема брзина. Комисијата го забрани спојувањето, бидејќи компаниите нема желба да одговорат на нашата сериозна загриженост околу конкурентноста, изјави еврокомесарката за конкурентност Маргрете Вестагер.
Во реакција на одлуката на Еврокомисијата, „Алстом“ оцени дека таа претставува „јасен удар врз индустријата во Европа“, додека „Сименс“ предупреди дека со ова е пропуштена „уникатна можност за изградба на Европа на иднината“, која би можела на најдобар начин да конкурира на глобален план во услови на модерна заедничка надворешна трговска политика.
Портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт изјави дека Берлин жали поради ваквата одлука на Европската комисија, додека француксиот министер за економија Бруно Ле Мер оцени дека блокадата претставува „економска грешка“, што е во полза на кинеските економски и индустриски интереси.
Вестагер ги отфрли забелешките дека блокадата е во интерес на Кина, односно на кинескиот гигант ЦРЦЦ, посочувајќи дека над 90 проценти од активносите на оваа државна компанија се насочени на кинескиот пазар.
Претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер уште вчера изјави дека Брисел „сака силни европски компании што ќе можат да конкурираат на глобалната сцена“, но дека нема да дозволи фаворизирање и ќе обезбеди еднакви услови за сите.