Двата дома на Конгресот најавија планови за деблокирање на Владата и нови задолжувања

Од:

Двата дома на американскиот Конгрес работат на плановите за излез од буџетската и должничка криза, со кои ќе се добие неколкумесечен рок во кој ќе може да се постигне посериозен договор.

Откако Сенатот најави дека денеска ќе гласа за предлогот работата на Владата и задолжувањето да се продолжат до средината на јануари, односно почетокот на февруари, денеска и Претставничкиот дом најави свој предлог.

Планот на Сенатот, договорен меѓу демократите и републиканците, предвидува тримесечно поместување на роковите со кои САД се соочени, како и укинување на една од давачките за компаниите и синдикатите што е предвидена од здравствената програма Обамакер.

Републиканците во Претставничкиот дом, пак, кои бараат укинување на комплетната Обамакер, денес најавија нов план кој предвидува укинување на данокот за производителите на медицинска опрема, воведен со Обамакер, и бара од сите конгресмени и сите советници и членови на Кабинетот на претседателот Обама, да бидат обврзани своите здравствени програми да ги купуваат преку Обамакер.

Конгресмените претходно се поштедија самите себеси од обврската да се лечат преку оваа програма, која во изминатите две недели се соочи со огромни технички проблеми при отворањето на интернет страницата преку која може да се купат здравствени планови, а допрва се очекува да се види нејзиниот ефект врз здравството. Но, и планот на

Претставничкиот дом би подразбирал деблокирање на Владата, како и можност Владата да продолжи со задолжување, до рокови во јануари и февруари.

-Се сретнавме со конгресмените со цел, на двопартиски начин, да обезбедиме фер однос кон американските граѓани под Обамакер. Нема одлука како точно ќе постапиме, но ќе продолжиме да работиме со нашите членови, од двете партиски страни, за да не се случи банкрот и да ја отвориме Владата, изјави спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер.

Утринската средба на републиканците во Претставничкиот дом почнала со пеење на христијанската химна Amazing Grace, по што почнаа да го разгледуваат најавениот предлог од Сенатот, за тоа дали ќе одобрат финансирање на буџетот, вклучително со парите предвидени за спроведување на Обамакер.

Во меѓувреме, двете страни разменуваат тешки зборови. Белата куќа реагираше на веста дека Претставничкиот дом ќе предложи свој план, со коментар дека републиканците од овој дом на Конгресот ја држат земјата во заложништво во име на конзервативното крило познато како Ти партија.

Дури и се очекува доколку двете страни постигнат договор во Конгресот, Обама да се обиде да издејствува враќање на избришаните делови од Обамакер, со закана за вето.

Од друга страна, републиканците во Претставничкиот дом упатија остри зборови пред се кон своите сопартијци во Сенатот, поради прифаќањето на планот што не предвидува целосно укинување на Обамакер. Републиканскиот конгресмен Тим Хуелскамп, член на движењето Ти партија, републиканците во Сенатот ги прогласи за капитуланти.

Зависно од тоа кој дом на Конгресот прв ќе изгласа план за надминување на кризата, другиот дом ќе треба да го одобри, или да се обиде да го смени. Освен Претставничкиот дом, евентуалниот договор за отворање на Владата може да заглави и во Сенатот, каде демократите имаат мнозинство, но републиканските сенатори можат со процедурални мерки да го одложат гласањето.

Времето за САД истекува, бидејќи по 17 октомври државата веќе нема да може да позајмува пари на светските берзи, за да го финансира дефицитот, кој во текот на следните 12 месеци ќе изнесува над 700 милијарди долари.

Светските финансиски организации веќе изразија длабока загриженост од последиците на овој можен банкрот, кој би бил без преседан во историјата на САД.

 

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски