Владата ја поништи одлуката донесена од пред еден месец за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“. Ова го соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека тој бил воздржан при гласањето.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. Министерството за економија инсистира да се донесе некаква одлука, а која е подобрата одлука за интересот на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, изјави Бектеши.
Сепак министерот Бектеши смета дека оваа нова владина одлука само ја враќа ситуацијата во статус кво и дека ја изложува Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани во иднина да ги чини милионски суми како оштета.
„После 5-6, 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки можат да патат во иднина и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти“. Нашите очекувања се дека оваа одлука ќе се спори од страна на концесионерот, што е нивно право. Како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако морам да бидам многу транспарентен со јавноста. Имајќи ги предвид аргументите кои ги презентирав тука и можна правна разврска во иднина, ние како Министерство за економија вчера апстиниравме од оваа одлука на Владата. Но, ние не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да ја почитуваме оваа одлука, затоа што не сме убедени во неа. Ние ќе направиме се` што е во наша надлежност да ја браниме оваа одлука. Но, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека ова не ја менува суштината. И после оваа одлука, концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии. И после оваа одлука ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите“, додаде Бектеши.
Владата на 27 јуни гласаше да се спојат двете концесии, првата на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Но, сегашната ревидирана одлука може да предизвика сериозни импликации врз буџетот на државата. Од компанијата и претходно уверија дека проектот се реализира со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски, а согласно планот за инвестиции во овој рударски комплекс се предвидени средства во вкупен износ од над 340 милиони евра, а досега се вложени над 40 милиони евра.
Државата сега се доведува во опасност да плаќа отштета од најмалку една милијарда евра на арбитража, наместо да ќари најмалку 340 милиони од реализацијата на инвестицијата.
За евентуално покренување спор пред меѓународните судови, компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ се повикува на билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година.
Мнозински акционер на „Еуромакс Ресоурцес“ е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
Досега од компанија неколкупати беа истакнати бенефитите врз севкупната економија од реализацијата на инвестицијата.
Податоците за економските ефекти од развојот на Проектот Иловица-Штука потврдуваат дека отворањето на идниот рудник за бакар сериозно ќе придонесе во економското оправување на македонската економија.
Според проекциите на инвеститорот презентирани пред надлежните институции и во јавноста во изминативе години, реализацијата на инвестицијата во Проектот „Иловица-Штука“, ќе отвори 3200 нови работни места во текот на работењето на идниот рударски комплекс, ќе овозможи извоз од 200 милиони евра на годишно ниво, и во државниот буџет ќе се плаќаат минимум 24 милиони евра годишно или вкупно над 500 милиони евра во вид на даноци и концесиски надоместоци. Дополнително, во текот на 20 годишното работење на идниот рудник предвидено е годишно да се трошат над 70 милиони евра на локалните деловни партнери. Со реализацијата на оваа странска директна инвестиција и реализираниот прилив од предвидениот извоз се очекува да се остварат нето приливи во македонската економија во износ од над 3 милијарди евра. Како краен ефект, се проценува дека во текот на наредните 20 години со работењето на идниот рударски комплекс ќе се придонесе до зголемување на БДП за дополнителни 4% на национално ниво на веќе проектираниот раст од 4%, односно ќе се овозможи раст на БДП од 8% на годишно ниво.
Со последните случувања сите овие економски бенефити за македонската економија се ставаат под знак прашалник..