Доделени наградите за најдобар бизнис план за учебната 2012-2013 година

Од:

Премиерот Никола Груевски денеска во Владата ги додели наградите за најдобар бизнис план за учебната 2012-2013 година. Овој натпревар се организира седма година по ред, а организатори се Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет во Скопје.

Првата награда на натпреварот во вредност од 90 илјади денари за бизнис планот „Донкас фарм“ ја доби средното училиште „Јане Сандански“ од Струмица. Второто место му припадна средното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово кое доби 50 илјади денари, а третото место на Средното економско училиште од Гостивар, кое освои 30 илјади денари.

Наградата за најдобра презентација во вредност од 30 илјади денари за бизнис планот „Ин еду Скопје“ ја доби скопската гимназијата „Јосип Броз Тито“.

На доделувањето на наградите премиерот Груевски рече дека имаме извонредни млади луѓе што дава надеж дека се родени генерациите кои ќе ја предводат Македонија во едно поинакво време во кое идеите се најголемиот капитал на секој човек, но и најдрагоцениот ресурс за развој на секоја држава.

– Секој од вас е победник затоа што научил дека може да се бори со својата мисла, научил дека може да заработи од својот потенцијал и креативност, рече премиерот Груевски обраќајќи се на добитниците на наградите.

Тој истакна дека претприемништвото за кое во светски рамки се зборува од поодамна, дури во последните три четири децении почнува да се смета за движечка сила на економскиот развој, структурните промени и создавање нови работни места, а со тоа и алатка за борба против глобалната сиромаштија.

Посочи дека со процесот на глобализацијата се зголеми и потребата на економиите да се натпреваруваат и да иновираат, а создавањето креативни и иновативни претприемачи стана од голема важност за секоја држава за да се одговори на предизвиците што ги носи современиот свет.

– Ние сме сосема свесни дека кај нас генерално се уште преовладува онаа матрица на пасивност кај индивидуата. Кај нас се уште е распространета филозофијата дека најбитна е оценката и дипломата, а државата е таа која треба да најде соодветно вработување за таа диплома, без будење на креацијата кај младите луѓе, како самите да заработат, како да направат бизнис, како да се самовработат, како да отворат своја фирма да креираат идеи за бизнис, за трговија, за иновации и слично, рече Груевски.

Денес Македонија, како што нагласи, гради нови генерации. – Од 1-ви септември минатата година го воведовме предметот „Претприемништво и иновации“ во прва, втора и трета година од средното образование, а во тек е подготовка на наставни содржини за воведување на овие теми и во основното образование, додаде тој.

Преку Бирото за развој на образованието, истакна Груевски, минатата година беа организирани обуки на теми поврзани со Претприемачкото образование за над 1.300 професори од сите средни училишта во Македонија. Напомена дека во соработка со Европската тренинг фондација се изработува Национална стратегија со акциски план за претприемачко учење за Република Македонија 2014-2020, а започната е и голема кампања за поттикнување на претпремништвото со цел да се разбуди претприемачкиот дух во целото општество, за да се охрабри секој човек во државата поинаку да размислува и поактивно да се бори за поквалитетен живот.

Премиерот потсети дека овој месец е усвоен Законот за иновации кој во моментов се наоѓа во собраниска процедура, а со кој првпат се уредува оваа материја.

Врз основа на анализата која Владата на РМ ја спроведе во текот на 2011-2012 година, изработена е Стратегија за иновации за периодот 2012-2020 година. – Целите на Стратегијата за иновации се зајакнување на склоноста на бизнис секторот, за внесување иновации, зајакнување на човековите ресурси за иновации, создавање регулаторно опкружување кое ќе ги поддржи иновациите и зголемување на протокот на знаење помеѓу актерите во иновациите, рече Груевски.

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска