Серија написи во кои се клевети раководството на Макпетрол деновиве се појавија во некои медиуми, предизвикувајќи го прашањето: дали е во тек посебно планирана, нарачана негативна кампања против компанијата?
Овие текстови, објавени на неколку помали интернет-портали, почиваат на тенденциозни тези кои имаат за цел по секоја цена (па и по цена на основните новинарски принципи) да го претстават актуелното раководство на Макпетрол во негативно светло. Повеќето од објавените конструкции и клевети се толку очигледно невистинити и невешто склопени, што јасно укажуваат на тоа дека „инвеститорите“ од БХПЛ се обидуваат да создадат своја, паралелна верзија на вистината, која е сè друго, освен вистина.
Како што веќе е познато во јавноста, луѓето кои се обидуваат да го преземат Макпетрол припаѓаат на матните кругови на источноевропскиот бизнис, а нивните имиња се поврзани со низа скандали и обвинувања за корупција, перење пари и сомнителни преземања на компании во минатото. Компанијата „Балкан Петролеум“ е основана пред само три месеци со влог од само 1000 фунти и потекло во офшор-шемите на Кипар и Девствените Острови. Ваквите информации за „инвеститорите“, кои новинарите-истражувачи ги открија уште пред неколку месеци, не беа демантирани од никого.
Оттаму, на луѓето од БХПЛ веројатно им е јасно дека не можат да го подобрат својот лош имиџ. Нивниот одговор на ова е нарачана, платена кампања на дел од опскурните македонски портали, во кои сопственото валкано минато го „маскираат“ со неосновани напади врз раководството на Макпетрол.
На очигледната тенденциозност во дел од овие текстови деновиве реагираше и Сервисот за проверка на факти во медиумите, кој го оцени еден од ваквите написи како крајно непрофесионален и неточен, односно како спин наменет да оцрнува без да има каков било допир со вистината.
Случајот „Макпетрол“ и обидот за преземање од страна на анонимната офшор-компанија и во следниов период ќе биде една од централните теми во македонските медиуми. Големината на компанијата и нејзиното значење за македонското стопанство уште повеќе ја потенцира потребата од точно и објективно информирање за овој случај, наместо тенденциозните замајувања кои се обидуваат на јавноста да ѝ ги „продадат“ сомнителните „инвеститори“ од БХПЛ.