Се очекува свежото месо и месните преработки по велигденските празници да поскапат како резултат на светските движења на пазарите со храна и месо од каде месната индустрија ги набавува суровините. За да се ублажи порастот на цените што поскоро треба се донесе барањето за враќање на скратените количини од последната мерка на Владата за укинување на царинските давачки на замрзнато свинско месо наменето за преработка, истакнаа денеска од Групацијата на производителите и преработувачи на месо при Стопанската комора на Северна Македонија.
Оттаму укажуваат дека растот на цените на светскиот пазар во месната индустрија во значителен процент од пред неколку месеци ќе се пренесе и на домашните преработки.
-И покрај трендот на пораст на цените ние се уште на домашниот пазар не ги покачивме цените на преработките, но таа состојба не може да трае подолго. Очекувам најдоцна до после велигденските парзници да ги покачиме цените на домашните месни преработки. Свесни сме дека покачување ќе има, рече на прес-конференција Гоце Трајчев, претседател на Групацијата при Стопанската комора на Макеоднија.
Висината на покачувањето, како што појасни, ќе зависи од тоа дали ќе има продолжување на владините мерки за ослободување од царина на месото наменето за преработка, што биле редовно одобрувани и пред почетокот на пандемијата. Воедно дали во новиот пакет економски мерки ќе биде вклучена и домашната месна индустрија или на некој начин соодветно ќе биде насочена потрошувачката на домашните производи од домашните производотели, за што е укажувано неколку пати, и секако и движењето на светските пазари и понатаму.
Од овие фактори, потенцираше, зависи дали покачувањето ќе биде 20, 30 или можеби 40 проценти.
-Сакајќи да го ублажиме порастот за домашните потрошувачи апелираме барањето за враќање на скратените количини од последната мерка на Владата за укинување на царинските давачки на замрзнато свинско месо наменето за преработка, доставено пред повеќе од еден месец да се донесе и одобри што е можно поскоро, наведе Трајчев.
Некои од членките на Групацијата, како што укажа, веќе настапуваат со покачени цени.
Сегашната релативна стабилност, појасни, се должи, пред се, на задоцнетите мерки на надлежните за поттикнување на домашната потрошувачка, а со тоа и слабата домашна куповна моќ на граѓаните, соодветните залихи на дел од производителите обезбедени од претходно, што се веќе при крај, како и моментниот вишок на домашно свинско месо којшто месната индустрија го откупи во целост и ги надомести потребните количини за преработка.
-Очекуваме дека до претстојните празници и ќе издржиме да остане оваа ситуација, но после празниците неминовно ќе следи драстичне пораст на цените на свежото месо и на месните преработки, во зависност од тоа дали ќе продолжи мерката или ќе биде донесена задоцнето.Месната индустрија не бара субвенционирање, туку изедначување на условите на стопанисување за да може да опстои и да го задржи постоечкото ниво на работење и вработени. Во случај на неприфаќање на барањето, односно неодобрување на количините кои претходно во стандардни услови на стопанисување беа одбрувани, очекуваме дека ќе следи ценовен шок по празниците со драстично зголемување на цените на месните преработки од над 30 до 40 проценти, а може да се случи и пропаѓање на уште некои од домашните капацитетите, наведе Трајчев.
Ако чаден свински бут сега е 260 денари, таа цена по празниците, укажа, би била над 320 денари зависно од тоа дали ќе имаме продолжување на мерките. Ако има продолжување на мерките нема да биде 40 проценти бидејќи 20 проценти отприлика е царината на суровината што ја плаќаме за којашто бараме да бидеме ослободени и покачувањето отприлика би било само за износот за процентот што е покачен на суровината на светскиот пазар, некаде околу 20 проценти.
Досегашните мерки од изминатите три години дале резултати и увозот на готовите сувеомеснати производи се намалил за 28 проценти.
Од Групацијата истакнаа дека постојано доставуваат барања сегашните мерки да преминат во трајно законско решение што ќе одговара со европските услови на стопанисување. Повторно порачаа дека за да има ефект во стопанството пакетите со мерки за помош треба да бидат насочени кон зголемување на потрошувачката на домашните производи од домашни производители, како што беше во случајот со четвртиот пакет со картичките „Купувам домашно“.