Чешка нема да се меша во внатрешните работи на Кина и го признава нејзиниот територијален интегритет, кој ги вклучува и Тибет и Тајван.
Ова, како што пренесоа чешките медиуми, го изјави чешкиот претседател Милош Земан на средбата со неговиот кинески колега Кси Јинпинг при посетата на Пекинг, јави дописникот на МИА од Прага.
Земан, на тој начин се приклучи кон чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек, кој при посетата на Кина во април, соопшти дека Чешка нема да ја поддржи независноста на Тибет.
На тој начин, Владата полека се одалечува од политиката на заштита на човековите права, промовирани главно од поранешниот претседател на државата Вацлав Хавел, во корист на штитење на економските интереси на земјата.
Хавел, кој почина во 2011 година, беше поддржувач на опозициските движења во земјите каде што владеат недемократски режими.
Човековите права, на почетокот на 90-тите години на минатиот век, станаа една од главните теми на Чехословачката, а подоцна и на чешката надворешна политика.
Тој беше и личен пријател на тибетскиот духовен лидер Далај Лама за кого пак Земан изјави дека ако бил верски лидер, ќе му било задоволство да се сретнае со Далај Лама. – Но, колку што знам, ниту еден од моите колеги или од моите противници не ме смета за верски лидер. Ќе беше друго ако Далај Лама беше голем инвеститор, рече Земан.
Во последниве години, чешката Влада постепено го менува својот приоритет. Директно до прекин на поддршката за Тибет, на чешката политичка сцена дојде пред две години, кога тогашниот премиер Петр Нечас поддршката на лидерот на Тибет ја означи како закана за чешкиот извоз.
При посетата на чешкиот министер за надворешни работи Заоралек на Пекинг, Чешка се обврза дека нема да ја поддржува тибетската независност во било која форма и дека го признава територијалниот интегритет на Кина, за што владата доби критики од домашните организации за заштита на човековите права и од опозицијата.
Според Кабинетот на Земан, една од најголемите банки во Кина, „Кинеската банка“ ќе отвори своја филијала во Чешка најдоцна до 2015 година, а договорени се и други инвестиции во неколку чешки фабрики.
Чешка исто така, има намера да ги укине визите за носителите на кинеските дипломатски пасоши, а Земан се изјасни дека ќе се заложи за целосно укинување на визите за сите кинески граѓани.