ЦГК: 81 милион евра за јавни набавки во четири очи во 2013 година

Од:

Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од Mониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа периодот од октомври до декември 2013 година. 

Некои од клучните наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки се:

Конкуренцијата во јавните набавки во 2013 год. остана ниска. Просечниот број на добиени понуди на тендерите во 2013 година во мониторираниот примерок од 160 тендери изнесува 2,6. На повеќе од една третина од тендерите учествувала само по една фирма.

И по шест години од примената на Законот за јавни набавки (ЗЈН) дел од институциите и натаму постапуваат спротивно на ЗЈН, а фирмите не ги знаат своите права во однос на правната заштита.

Преку постапката со преговарање без објавување оглас во 2013 година се склучени 1.368 договори во вредност од околу 81 милион евра.

Во 2013 година поништени се 22,7% од тендерите. Притоа, почесто се поништувале тендерите со поголема вредност од оние со вредност до 20.000 евра.

Продолжува неколкугодишниот тренд на намалување на бројот на жалби што фирмите ги доставиле до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Секоја трета жалба на фирмите е усвоена при што доминираат решенија за целосно поништување на тендерите.

Индексот на рационалност бр.10 е изработен со споредба на цените по кои се купувале училишни клупи, гуми за патнички возила, ризла за одржување на патишта, стручен надзор на градежни работи и медицински азотен оксид. Најголема разлика во цените е евидентирана при набавката на услугата за стручен надзор на градежни работи, а најмала разлика во цените е констатирана во набавката на медицински азотен оксид. Поконкретно евидентирани се следните разлики:

Училишните клупи се купувани по цени кои се движат од 1.729 до 6.103 денари, со што највисоката цена е за 253% повисока од најниската.

Гумите за патнички возила ги чинеле институциите од 2.309 до 5.546 денари за една зимска гума со димензии од 175/70 r13 со што највисоката цена е за 140% повисока од најниската, додека пак зимските гумите со димензии 205/55 r16 се купувани по цени од 4.228 до 9.558 денари, односно највисоката цена е за 126% повисока од најниската.

Ризлата за одржување на патишта е купувана по цени од 649 до 1.121 денар за 1 тон, што значи дека највисоката цена е за 73% повисока од најниската.

Стручниот надзор над градежни работи ги чинел институциите од 0,39% до 2,97% од вредноста на објектот што е предмет на надзор, со што највисоката цена платена за оваа услуга е над 6 пати поголема од најниската цена.

Медицинскиот азотен оксид N20 здравствените институции го купувале од 578 до 636 денари за килограм со што највисоката цена е за 10% повисока од најниската.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

Пивоваров: Полиграфска проверка на службениците на границите, како мерка за сузбивање на корупцијата

Застаре случајот „Тендери“ во кој беше обвинета Канческа-Милевска

Катерина Ѓуровски

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023

Јан Коп до Ахмети: Посветеноста за членство во ЕУ е загрозена поради падот на владеењето на правото