Во Бразил речиси и да нема автомобили кои не возат на алкохол. Поточно, станува збор за етанол или биоетанол.
Овој алкохолен супстрат се добива од шеќерна трска, а ако кажеме дека Бразил е еден од најголемите производители на шеќерна трска, работите стануваат појасни. На сè да додадеме речиси бескрајно обработливо земјиште, исклучително напредна технологија и поволна клима и ќе добиеме идеални услови за создавање прифатливо гориво, пишува Индекс.
Се разбира, сето ова не дојде преку ноќ. Бразил со децении инвестира во развој на технологии, а целата приказна започна во 1970-тите. Пресвртот се случи во 2006 година, кога Бразил стана енергетски независен токму благодарение на етанолот. Бразил има свои резерви на фосилни горива, но етанолот е тој што ја прави разликата.
Денес, автомобилите со „флекс гориво“ се вообичаени во Бразил, но покрај основниот бензин, тие не користат гас, туку етанол. Во 2008 година овие автомобили имаа пазарен удел од дури 90 отсто, додека продажбата на етанол ја надмина продажбата на бензин токму таа година. Постои и трета опција, која е мешавина од бензин и етанол со максимална содржина на бензин од 75 проценти.
Етанолот има помала вредност од безоловниот бензин, па за истиот ефект е потребен околу 34 отсто повеќе етил алкохол. Поради поголемиот октански број на етанол (111), можно е да се зголеми степенот на компресија, а со тоа и искористеноста на моторот.