Бизнисмените предупредуваат: Можни се отпуштања без државна помош и поевтина струја

Од:

„Обезбедување на поевтина електрична енергија за компаниите, а со тоа и спас на економијата и државата“, ќе бара Стопанската комора на Македонија од државата пред клучната седница на владата на која ќе се одлучува за пакетот мерки врзани за енергетската криза.

Од комората сметаат дека ситуацијата е подраматична во однос на јули и дека тоа го покажуваат сметките за струја кои ги добиваат компаниите во август и затоа бараат од владата да ги реализира нивните препораки кои беа усвоени минатиот месец.

“Комората смета дека фокусирањето на ова прашање мора да има апсолутен приоритет бидејќи се погласни се предупредувањата од компаниите дека без државна поддршка тие немаат друга алтернатива освен да го редуцираат производството, бројот на вработените и економската активност, да не зборуваме дека инвестиционите активности ке станат мисловна именка“, најавија од комората.

Меѓу барањата на Стопанската комора се:

„1. Потребно е да се зголеми домашното производство и искористат сите можни ресурси.
– Набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино да има апсолутен приоритет веднаш. За да може да се обезбедат нови количини на мазут потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена, за да не се случи недостиг на пазарот.

– ТЕ-ТО да биде во функција цела година, бидејќи многу важно да се има домашно производство не само во услови за да има стабилност туку и за услови доколку се случи затворање на границите и на cross border протокот (преку граничниот проток на електрична енергија). Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуирано производство на домашната економија.

– 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, сеуште чекаат на приклучок на мрежа. Се бара ЕВН и сите субјекти кој што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици а истите да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата.

2. Владата да ја врати Уредбата која беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата. Тоа беше и единствена мерка за поддршка на индустријата во делот на набавка на енергенси со поповолни услови. Со укинување на таа Уредба енергијата произведена од обновливи извори наменета за индустријата се намали за цели 8 процентни поени и сега изнесува од 6% до 7%, што значи со губењето на енергија од обновливите извори за потребите на индустрија производните трошоци на компаниите ќе растат.

3. Се бара измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриски капацитети/објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени согласно веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.

4. Регулаторна комисија за енергетика да подготви Правилник за организирање дистрибутивни мрежи.
– Со зголемување на инсталираната моќност од фотоволтаиците ќе настане потреба од градење на 110 киловолтни трафостаници а на тие ќе има можност да се приклучат и други производители.

– Да се спречат злоупотребите на стопанските субјекти кои се префрлаат на универзален снабдувач а при тоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар. Тоа е работа на Регулаторна комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН истите да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ непотребно се оптоварува ЕСМ“, се барањата на Стопанската комора.

Би можело да ве интересира

Дефект на трафостаница ги остави кумановци од центарот на градот без струја

Горан Наумовски

За 25 месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори

Кој ќе ги снабдува граѓаните со струја ќе се знае од крајот на април: Комисијата се уште не закажува наддавање

Орце Костов

Не е точно дека оваа влада ќе ги укине субвенциите за струја од први јули, вели Битиќи

Битиќи: Субвенцијата во сметките за струја е 84 отсто

А1он

Во сметките за струја за јануари ќе го нема надоместокот од 200 денари за пристап на мрежа

Орце Костов