Вицепремиерите за економски прашања и за борба против корупцијата и криминалнот, одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска извршија увид во градежните активности на експресниот пат Ранковце -Крива Паланка, во близина на селото Т’лминци.
Патот е поделен на две делници во вкупна должина од 25 километри и ќе биде широк 12,5 метри со по една лента за возење и по една за застанување. Финансиите се обезбедени преку кредит од Светската банка.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека само во севереоисточниот дел од нашата земја, во патната и железничката инфраструктура, има проекти во вредност од 700 милиони евра, кои ги опфаќаат изградбата на овој експресен пат, проширување на патот од Крива Паланка до Деве Баир и рехабилитација на патот од Куманово до Страцин, но и изгрдабата на пругата од Куманово до границата со Бугарија.
Тој потенцира дека активно се работи и во западниот дел од Коридорот 8, каде веќе е во изградбата автопатската делница Кичево – Охрид во вредност од околу 600 милиони евра, а во план е и изградба или целосно реконструирање на автопатско решение за Ќафасан – Требеништа и Тетово – Кичево.
Вицепремиерот Николовски рече дека експресниот пат Ранковце – Крива Паланка опфаќа две делници, кои и во услови на пандемија и во потешкотии се градат повторно со зголемена динамика.
– Тоа се овие две делници, од Ранковце – Крива Паланка, како и доизградбата на третата лента на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир, која почна пред повеќе месеци. Вкупната вредност на овие три делници од овој регион е околу 70 милиони евра. Овој инфраструктурен проект, како дел од Коридорот 8 е од исклучително значење за регионалното поврзување и соработка, но и развојот на меѓународната трговија, рече Николовски.
Министерот Бочварски нагласи дека се работни за многу значајна патна артерија во североисточниот дел од земјава на Коридорот 8. Вкупната инвестиција на овој експресен пат од 25 километри е 58 милиони евра со што, како што рече, се овозможува голем економски потенцијал за овој дел од државата.
– Само на оваа делница на која присуствуваме денеска инвестицијата е над 30 милиони евра. Делницата е од Крива Паланка до Глобочица, рече Бочварски.