За вицепремиерот Фатмир Битиќи работната сила е примарно да се осигура од домашниот пазар, но призна дека веќе отворено се дебатира со стопанските комори за увоз на евтина работна сила од странство.
– Нашите граѓани треба да се прилагодат на потребите на пазарот на трудот. Вештините и знаењата долги години наназад на тие што се невработени, не одговараат на потребите и тој пазар има потреба да ја надополни работната сила.
Се повеќе многу компании велат дека многу тешко наоѓаат работна сила од она што го има на располагање во Агецијата за вработување. Затоа Владата прави план за вработување преку различна доквалификација за да се спремат тие работници за пазарот на трудот.
Но дотогаш секако има потреба да се увезе работна сила затоа што миграцијата е очигчедна, не само во Македонија туку во сите земји на Западен Балкан – рече Битиќи.
Вицепремиерот откри дека Владата во моментов разговара со стопанските комори во кои гранки евентуално би увела работна сила. Најзагрозени се секторот градежништво и секторот хотелиерство и туризам.
– Тоа се работници кои одат да работат сезонски во соседните земји, но и во Хрватска. Во тој сектор и кај нас платите се конкурентни, но не се толку како во земјите на ЕУ. Лани сме имале 5300 работници кои што работеле во нашата земја. Треба да се разговара оторено за ова. Немаме дефинирано од каде, нема дефинирано квоти, но сметаме дека е отворен проблем.
Просечната плата кај нас е 550 евра, платата во која што одат да работат нашите работници е 1100 евра. Земјите од кои ќе доаѓаат работници во градежништво, во рударство, имаат просечна плата 200 евра и тоа е природен циклус за движење на работна сила – додаде Битиќи.