Важно е компаниите, кои покажале позитивни резултати, да ги инвестираат нивните средства за да ги развијат бизнисите, за што следува дополнителна помош од државата. Со мерката „Кредити со 0 проценти камата за најпогодените сектори“ овие компании ќе имаат можност 30 проценти од кредитната линија да ја трансформираат во грант, доколку ја прошират нивната економска активност или го зголемат бројот на вработени, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Доколку компаниите годинава го прошират својот бизнис за најмалку 10 проценти во споредба со минатата година, како што појаснува, тогаш 30 проценти од кредитот се претвора во грант. Доколку пак го зголемат бројот на вработени за 5 проценти споредено со минатата година, тогаш 50 проценти од кредитната линија станува неповратен, односно грант, рече Бесими во гостувањето во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат телевизија.
Тој нагласува дека овој пакет не е само за спас на економијата, туку е пакет за економско заздравување и економски раст. Токму од овие причини и мерката „Финансиска поддршка за исплата на плати“ е редизајнирана. Како што нагласува Бесими, „доколку во минатото, компаниите кои 2020 година ќе ја завршат со профит требаше да вратат 50 проценти од субвенциите, сега ако тие го инвестираат овој дел, не се должни да ги вратат средствата во буџет, туку ќе ги искористат за проширување на бизнисот и развој на економијата.
Целта е овие средства да се адресираат за развој и инвестиции наместо да се вратат во буџетот и да бидат пренасочени за развој на домашната економија. Имено, оваа мерка се комбинира со мерката за кредити со 0 проценти камата и идејата е комплетно да се трансформираме во модел насочен кон забрзување на економијата, потенцира министерот за финансии.