Белгиски „Ван Хол“ бара работници за фабриката во Бунарџик

Од:

Белгиската компанија „Ван Хол“ денеска објави оглас со кој бара кадар за 35 работни позиции во својата фабрика „Ван Хол Македонија“ што ја гради во Технолошко индустриската развојна зона – Скопје 2 во Бунарџик.

Белгискиот инвеститор, кој во новиот капацитет  ќе произведува автобуси за меѓународни пазари,  бара работници  од техничките насоки  за  разновидни позиции, тим лидери, заварувачи, столари, електричари, механичари, контролори, координатори, асистенти. Минимум услов за дел од работните позиции е завршено средно образование, по можност техничка насока и соодветно работно искуство, за дел одлично познавање англиски јазик, а за дел завршено високо образование.

Изградбата на фабриката за автобуси на „Ван Хол“, почна во јули минатата година, како инвестиција вредна 20 милиони евра, што треба да овозможи вработување на 400 до 500 лица. Покрај новите работни места, се очекуваат позитивни ефекти од инвестицијата и за домашни фирми што ќе имаат можност за соработка, како и зголемување на македонскиот извоз.

Белгиската компанија „Ван Хол“ одлучи да инвестира во Македонија по контактите што ги иницираше македонската Влада и реализирањето економски презентации на можностите за инвестирање во државава. При стартот на изградбата на производствениот капацитет директорот на белгиската компанија „Ван Хол“, Филип Ванхол истакна дека за успех на инвестицијата ќе се потпре на образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети и на големото искуство во производство на квалитетни автобуси што во минатото биле произведувани во Македонија.

Со реализацијата на нивната инвестиција, од зоната Бунарџик првпат ќе се извезува готов производ, технолошки високософистициран на високософистицирани пазари, кој ќе го носи знакот дека е произведен во Македонија.

Според најавите од инвеститорот, новиот капацитет на „Ван Хол“ ќе се протега на површина од 36.900 метри квадратни, а се очекува да почне да произведува автобуси во првиот квартал од 2013 година. Целта на белгискиот инвеститор е да ја реализира американската нарачка од 400 автобуси од која првите 50 треба да се извезат од погоните на фабриката веќе од крајот на 2013 година. По оваа нарачка, компанијата ќе воведе два нови модела на автобуси, а полниот капацитет што треба да се постигне е годишно производство од 400 автобуси.

„Ван Хол“ е семејна компанија за прозводство на автобуси и индустриски возила основана 1947 година. Во фабриката во Белгија вработува 4.000 лица, а годишното производство изнесува околу 1.200 автобуси и 4.000 други возила. Остварува годишен обрт од над 450 милиони евра, а над 80 отсто од производството е наменето за извоз.

Би можело да ве интересира

Експлозија имало во Бунарџик, а пожарот во Пинтија бил од искри поради испади на далековод

Кристијан Ландов

„Гересхајмер“ отвори фабрика во Бунарџик, инвестиција од 25 милиони евра и 400 работни места

Ана Ололовска

Анѓушев на увид во Бунарџик и ТИРЗ Скопје 2

Ана Ололовска

Нова фабрика во Бунарџик

Ана Ололовска

„Текнохозе“ почна да гради втора фабрика во Бунарџик

Ана Ололовска

„Џонсон Мети“ со втора фабрика во Македонија

Емир Латифовиќ