Владата не ги носи протоколите за работа. За тоа е задолжена професионална комисија составена од експерти во делот на пандемијата, а ние само ги почитуваме нивните предлози. Во моментот кога ќе добиеме одреден протокол секако дека ќе ги усвоиме како Влада.
Ова денеска го посочи министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на прашање за денешниот протест и ултиматумите што беа дадени минатата недела за подготовка на протоколи за работа на угостителските објекти за прослави и цвеќарниците.
-Како економски тим секојдневно сме во контакт со стопанските комори, а претходната недела имавме состаноци и со синдикатите со цел да ги дизајнираме економските мерки од петтиот пакет во кој се вклучени и угостителите во делот за исплата на плати за два месеца и во бескаматните кредити со грант компоненета ако покажат позитивни резултати. Мерките се поддржани од сите стопански комори и од синдикатите и стоиме зад нив за да ги реализираме што побрзо и од тоа да имаат придобивка сите дејности, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир.
За угостителите што организираат свадби, посочи, во четвртиот сет на економски мерки имаше директни грантови заради тоа што беа затворени со одлука на Владата.
-И во минатото и сега со петтиот сет економски мерки покажуваме дека ниедна дејност нема да биде изоставена, вклучувајќи го и угостителството. Не се согласувам со ултиматумите што беа испратени, а би ги охрабрил граѓаните да го кажуваат нивното мислење преку демократски начини како што се и протестите. Ние ќе бидеме тука како Влада да им помогнеме на граѓаните и на бизнисот со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици, рече Бектеши.
Сметам, додаде, дека беше доволна помошта за стопанството имајќи ги предвид нивните предлози кои се доставени преку стопанските комори до Владата.
-Над 90 отсто од предлозите произлегуваат од стопанските комори, но треба да се направи анализа во делот на реализација на претходните сета на економски мерки. Треба да се има предвид дека речиси осум месеци се плаќаат платите од страна на државата и дека има одредени други олеснувања за угостителството. Им предложивме да ги земеме предвид профитите и приходите што ги имале во 2019 година во делот на покривање, но голем дел од нив не се согласија и затоа се одлучивме да бидат помогнати на ваков начин, истакна Бектеши.