Банкарскиот систем во третиот квартал ја задржа ликвидноста и солвентноста

Од:

Банкарскиот систем во третиот квартал, и во услови на надворешно опкружување исполнето со големи предизвици, успеа да ја задржи својата ликвидност и солвентност, а со тоа и својата стабилност и сигурност, заклучи Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница.

Ликвидните средства, кои покриваат близу 60 отсто од вкупните депозити на домаќинствата и 42 отсто од вкупните депозити, и натаму претставуваат една третина од вкупната актива на банкарскиот сектор. Како што се наведува во соопштението, специфична промена во ликвидната актива на банкарскиот систем во третиот квартал е растот на средствата на банките на сметки во странски банки и намалувањето на нивните вложувања во хартии од вредност.

Високата солвентност е вториот столб на банкарскиот систем. На 30 септември 2012 година, стапката на адекватноста на капиталот изнесува 17,1 отсто и е двојно повисока од законскиот минимум од 8 отсто. На почетокот на третиот квартал почна да се применува новата методологија за адекватност на капиталот, што овозможи подобро поврзување на профилот на ризик на банките со регулаторниот капитал, но таа не предизвика позначителни ефекти врз стапката на адекватност на капиталот.

Кредитната активност продолжи да расте, како на квартална, така и на годишна основа, но со забавена динамика. Забавувањето, како што наведуваат од НБРМ, на вкупните кредити е еден од факторите што предизвикаа стапката на нефункционални кредити, на 30 септември 2012 година, да се искачи до 10,9 отсто. Сепак, профитабилноста на банкарскиот систем и натаму зајакнува, што произлегува од зголемувањето на нето каматниот приход. Стапките на поврат на активата и капиталот се зголемија и на 30 септември 2012 година изнесуваа 0,3% и 2,3%, соодветно, а воедно се подобри и оперативната ефикасност на банките.

На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за управување со ризиците, која на супервизијата на Народната банка ќе и овозможи подобар увид во поединечните категории ризици на коишто се изложени банките. Банките и досега беа должни да утврдуваат одредено ниво интерен капитал за покривање поединечен ризик на кој е или може да биде изложена банката во своето работење, а оваа одлука појасно го дефинира процесот на тоа утврдување. При ова, банките воспоставуваат процедури за сеопфатно оценување на адекватноста на капиталот, поврзан со нивниот профил на ризик, но и со нивната стратегија за одржување на нивото на капиталот. Интерниот капитал претставува дополнување на регулаторниот капитал и неговото утврдување главно се заснова врз интерните методи и процедури на банките. Процесот на утврдување на интерниот капитал е и квалитативен, а Народната банка ја оценува неговата соодветност по поединечни банки, имајќи ги предвид јасно дефинираните насоки во Одлуката.

Советот ја донесе и Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи, за да се постигне усогласување со измените во Меѓународните стандарди за финансиско известување усогласени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди и чија ефективна примена за деловните банки почнува од 1 јануари 2013 година.

На седницата е усвоена и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2013 година, која претставува детаљна разработка на планираните активности за наредната година, заради поефикасно следење на статусот на остварувањето на насоките за работа на Народната банка на Република Македонија за 2013 година и утврдените стратегиски цели. Во рамки на актите што се однесуваат на работењето на Народната банка на Република Македонија за наредната година, Советот ги разгледа и ги усвои Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2013 година и Среднорочната програма за внатрешна ревизија 2013-2015 година, како и Финансискиот план и Планот за инвестиции за 2013 година.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години, работиме на натамошно унапредување

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите