Азески: Приоритет на Македонија треба да биде индустријализација и развојот на реалната економија

Од:

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески смета дека само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив раст и развој. Во новогодишното интервју тој вели дека Македонија треба да се фокусира на индустријализацијата и развојот на реалната економија.

1. Како ја дефинирате македонската економија денес? Зошто после толку години транзиција не успеавме да обезбедиме одржлив економски развој?

-Македонската економија денес е економија зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности кои овозможуваат избегнување на закани и искористување на потенцијалните можности.

Македонија, денес, по 27 години од осамостојувањето, со 5.237 САД долари номинален бруто домашен производ по жител, или со 4.980 САД долари бруто национален доход по жител за 2016 година, според рангирањето на Светска банка, е на долната скала од земјите со повисок среден доход (земји кои имаат БДП по жител од 4.036 САД долари до 12.236 САД долари). Македонската економија, по речиси три децении, не успеа да се искачи на погорните скалила од средно развиените земји во транзиција. Обидувајќи се да не падне во стапицата на среден приход на почетокот на 1990-те, Македонија падна во стапица на транзиција од која се` уште не може да излезе.

Постигнатиот економски раст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси кои ги има, не ги обезбедуваше основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој.

Една од причините е негативната просечна годишна стапка на БДП од -0,8 % во деценискиот период од 1990-2000 година, како и недоволно динамичниот економски раст со стапка од 2,9% во следните 16 години, во периодот од 2000 до 2016 година, посебно поради заостанувањето во текот на деведесеттите години и изгубениот потенцијален БДП во периодот од 1990-2000 година.

Втора причина е структурата на растот. Просечната стапка на раст на бруто-додадената вредност на услугите од 0,5% во периодот 1990-2000 година и 2,8% во периодот од 2000 до 2016 година (односно 1,65% просечен годишен раст за изминатите 26 години), условија учеството на бруто-додадената вредност на услугите во формирањето на БДП континуирано да расте, од 18,9 % во 1991 година, на 27,5% во 2000 година, за во 2016 година да достигне 38,4% од бруто-додадената вредност во БДП.

Истовремено, реалниот сектор оствари пониски стапки на раст од услугите и тоа:

– земјоделството евидентира раст од 0,2% во периодот 1990-2000 година и 1,5% од 2000 до 2016 година, или 0,7% просечна стапка за изминатите 26 години;

– индустријата има негативна стапка од 2,3% во периодот 1990-2000 година, а позитивен раст од 5,2% во периодот 2000-2016 година, што е 1,45% просечен годишен раст за 26 години;

– преработувачката индустрија, како дел од индустријата, забележа пад од -5,3% во периодот 1990-2000 година и раст од 4,2% во периодот 2000-2016 година или -1,1% просечно годишно намалување за изминатите 26 години (што ја потврдува деиндустријализацијата во нашата земја). Дополнителен податок кон оваа теза е и фактот дека учеството на бруто-додадената вредност на реалниот сектор во формирањето на БДП од над 27% во 1990 година, се намали на 17,3% во 2000 година, за да падне на само 12,9% во 2016 година.

Пониските стапки на раст на реалниот сектор условија намалување на нивното учество во БДП од 46,8% во 1990 година (земјоделството 8,2%, индустријата 31,5% и градежништвото 7%), на 36,9% во 2000 година (земјоделството 10%, индустријата 22,5% и градежништвото 4%), за во 2016 година да се сведе на 33% (земјоделството 9%, индустријата 17% и градежништвото 7%).

Со други зборови, услугите беа главните компоненти на економскиот раст во услови кога заостанувањето на растот на производството и на бруто додадената вредност на разменливите добра, го ограничи растот на извозот и супституираше дел од домашната понуда на внатрешниот пазар со понудата од увоз. Во прилог на ваквата констатација е податокот дека увозот забележа повисок раст од извозот за 128 индексни поени во изминатите 26 години. Покриеноста на увозот со извозот во 1990 година беше 73%, во 2000 година 58,3%, а во 2015 година 70%. Тоа укажува дека во делот на урамнотежување на основните надворешно-трговски агрегати, состојбата во 2016 година е за 3 процентни поени понеповолна во однос на истата од 1990 година.

Имено, извозот на стоки во 2016 година (од 4.787,2 илјади САД долари) е поголем за 2,1 пати (со индекс 313) од извозот во 1990 година (од 1.113 илјади САД долари). Увозот, пак, на стоки во 2016 година (од 6.757,4 илјади САД долари ) е поголем за 3,4 пати (со индекс 441) од увозот во 1990 година (од 1.531 илјади САД долари).

На тој начин, со намалување на понудата на стоки за извоз и раст на побарувачката за увезената стока, се продлабочи јазот на основните надворешно-трговски агрегати. Увозот на стоки беше поголем од извозот и тоа 37,5% во 1990 година, 49,8% во 1996 година, 58,3% во 2000 година, а 41% во 2016 година (намалениот диспаритет во 2016 година, пред се` e резултат на намалените економски активности во текот на годината, кои не правеа притисок во делот на увоз на суровини и репроматеријали).

Директното влијание на оваа структурна деформација е зголемувањето на учеството на дефицитот на стоки и услуги (што претставува негативен нето извоз) во подмирувањето на вкупната домашна побарувачка, што, пак, од своја страна условуваше непрекинато зголемување на дефицитот на трговскиот биланс (салдото на тековна сметка на билансот на плаќања во 2000 година изнесуваше -771,3 милиони САД долари, а во 2016 година -1.970,2 милиони САД долари). Истовремено растеше и негативното салдо на тековната сметка на платниот биланс, – 103,1 милиони САД долари во 2000 година, на – 265 милиони САД долари во 2016 година, со учество од -2,7%, односно -2,8% во БДП.

Наведените движења условија во структурата на БДП по расходен метод во 1990 година да имаме диспаритет во надворешно-трговската размена од 9,2 процентни поени, односно повисоко учество на увозот од извозот во БДП (извозот на стоки учествуваше со 25%, а увозот со 34,2% во БДП), во 2000 година диспаритетот е 25 процентни поени (извозот на стоки учествуваше со 37%, а увозот со 62% во БДП), во 2016 година 20 процентни поени (извозот на стоки учествуваше со 35%, а увозот со 54,2% во БДП).

Ваквиот диспаритет на увозната и на извозната страна, покажува дека како општество повеќе трошиме отколку што произведуваме. Бројките покажуваат дека во 1990 година сме потрошиле за 9% повеќе, а во 2016 година 20 % повеќе отколку што сме произвеле.

Деиндустријализацијата и несоодветниот развој на приватниот сектор, резултираше со раст на стапката на невработеност која на крајот од 2016 година изнесуваше 23,7%, што пак од своја страна го услови и третиот клучен диспаритет од 1:2,3 вработено наспроти работоспособно население.

Изнесените аргументи, потврдуваат дека наследените структурни диспаритети во преминот од планското кон пазарното стопанисување, наместо да се намалат, се продлабочуваат и се изострија како фрактури на системот, што го чини забрзаниот раст и развој неизвесен.

Впрочем, по преминот од планскиот кон пазарниот систем на општествено управување, очекувавме дека приватниот сектор, во борбата за поголем профит, ќе оствари раст на конкурентноста на македонското стопанство, раст на продуктивноста, на производството, на извозот и со тоа ќе ги совладаме наследените структурни нерамнотежи на патот кон одржливиот развој. Но тоа не се случи. Големите производни капацитети ги растуривме, а нови конкурентни на отворениот пазар не создадовме. Затоа денеска сме со многу понизок капацитет на приватниот сектор, со ниска основа на реалниот сектор, со преработувачка индустрија од само 12% учество во БДП. Сето тоа ги лимитира можностите за повисоки стапки на раст на македонската економија.

Дополнително, во последниве неколку години, притисоците се зголемуваа и поради влошената фискална дисциплина и растечкиот јавен долг. Македонија има еден од најбрзо растечкиот бруто надворешен долг кој од 2,503 милиони евра во 2006 година (со 45,7% учество во БДП), во 2016 година достигна 7,217 милиони евра (со 74,2% учество во БДП), што за десетгодишен период е зголемување за огромни 188% (со индекс 288).

Згора на тоа, стареењето на населението, заедно со високото ниво на невработеност, го прави пензискиот систем неодржлив.

Стапката на сиромаштија иако во последниве години се намали, во голема мера поддржана со фискалниот стимул, предизвикува загриженост за одржливоста, бидејќи сe` уште во екстремна сиромаштија живеат близу 100.000 луѓе.

ЕПИЛОГОТ Е – македонската економија денес е економија зависна од увоз и од штедење, со висока изложеност на надворешните фактори на ризик, без значајни предности кои овозможуваат избегнување на закани и искористување на можностите поврзани со глобалните промени.

КЛУЧНОТО ПРАШАЊЕ е што стои во заднината на немоќната економска политика, после толку години да обезбеди одржлив економски развој?

Јасно е дека тоа е нереформираниот јавен сектор и недоизградените институции. Нереформираниот јавен сектор е фундаментот на економскиот модел каков што постоеше и се` уште постои, бидејќи тој беше скалата на капиталните трансфери кои доаѓаа од надвор, преку приватизација или кредити, и неговиот трансфер кон потрошувачката.

2. Со кои предизвици ќе се соочи Македонија во 2018 година? Што треба да се направи за да запрат негативните трендови во економијата и да се зголеми конкурентноста на македонските компании?

-Клучен предизвик за 2018 година е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински инвестиции во производството во функција на раст на конкурентноста, односно производството и извозот.

Како мала и отворена економија, која главно се потпира на надворешната побарувачка, Македонија не може да го постигне сопствениот економски раст доколку не се соочи со долгорочните ризици, како што се: ниското ниво на производство; ниското ниво на извоз, а со тоа низок економски раст; ниското ниво на домашни, како и ниското ниво на прилив на странски директни инвестиции, отежнато задолжување на реалниот сектор и на државата.

Затоа, макроекономската рамка мора фокусот да го стави на елиминирање на клучните присутни диспаритети помеѓу вкупното производство и потрошувачката, увозот и извозот кој се покрива со задолжување. Овие стратегиски нерамнотежи мора да бидат ориентир за редефинирање на политиките кои се клучни за идниот економски раст и развој на нашата земја.

Македонија мора да продолжи со структурни реформи, се` додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.

Актуелната Влада на Република Македонија тргна во таа насока, што се потврдува со досега донесените или предложените развојни документи:

* идентификувани се најважните стратешки приоритети, дефинирани во Одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96 од 28.7.2017 година);

* предложена е Програма за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 година;

* изработена e Програма на економски реформи 2018-2020 година, чија цел меѓу другото е зголемување и поддршка на развојот на индустриско-преработувачките капацитети кои ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност, поддршка на индустриските капацитети кои ќе овозможат супституција на увозот.

Иако сегашната Влада на Република Македонија се стреми да создаде избалансирана економија, не постои лесен и безболен пат на премин од економија која е зависна од увоз и задолжување кон одржлив и инклузивен раст.

Излезот од структурната криза бара сложена програма, во којашто паралелно со економската, треба да се води и социјална политика, водејќи сметка за животната средина, еколошките стандарди, како и актуелните промени во ЕУ.

* Планот за економски раст преточен во неколку мерки, кој го промовира заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, генерално ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за коишто Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика.

* Мерките во Планот за економски раст се креирани и координирани од докажани и потврдени бизнисмени во реалниот сектор, кои истовремено се и носители на највисоките политички функции во Владата на РМ.

* Клучната поента е дека Планот за економски раст дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски раст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски раст…

Затоа, клучен предизвик за 2018 година, е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински производни инвестиции во функција на раст на конкурентноста, на производството и на извозот.

Досегашната политичка нестабилност ја зголеми и економската нестабилност, со што ја поткопа можноста за интеграција на Македонија во ЕУ. Пролонгирањето на активностите во процесот на пристапување, во комбинација со недостиг на средства и вештини за следење на водечките актуелни трендови, доведува до заклучок дека главниот предизвик на Македонија е и како да се забрза растот почитувајќи ги насоките од Стратегијата на ЕУ 2020, односно целите зацртани во Стратегијата на ЈИЕ 2020 (инклузивност, екологија, заштита на животната средина итн.).

3. Што е потребно да се преземе на кракот и на долг рок за да се обезбеди одржлив раст и развој на домашната економија?

-Само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон ОДРЖЛИВ РАСТ И РАЗВОЈ. Немаме време за реформи кои ќе ни покажат дека треба да правиме соодветни реформи.

Развојната политика мора да се концентрира на решавање на темелните структурни проблеми, во кои основен приоритет е индустријализацијата. Во наредниот период Македонија мора да се сврти кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап кој подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста. Потребно е да се обезбеди и висока стапка на раст на извозот на стоки и на вработување во индустриските капацитети. На таков начин ќе се создаде многу поатрактивен инвестиционен амбиент за вложувања во преработувачката индустрија.

Краткорочно, потребно е да се преземат итни мерки кои ќе го запрат падот на економските активности и ќе создадат предуслови за неодложни структурни и системски реформи, со цел обезбедување на макроекономската стабилност, како би се избегнале оправдувањата за одложување на неопходните реформи.

Приоритети се: решавање на проблемите на неликвидност, зајакнување на финансиската дисциплина, создавање услови за посилна кредитна активност кон стопанството, зголемување на инвестициите во инфраструктурата и во производството наменето за извоз, намалување на трошоците на стопанисување преку укинување на непотребни административни процедури, укинување или намалување на одредени неданочни и парафискални давачки, елиминирање на „сивата“ економија и евидентирање на средствата во легалните текови, зголемување на транспарентноста и ефикасноста на јавните набавки.

Долгорочната цел треба да биде постигнување на годишната стапка на раст од околу 4,5%, во услови на макроекономска стабилност, односно ниска и стабилна инфлација, одржливост на фискалната и платнобилансната позиција, стабилност на финансискиот пазар и на пазарот на трудот. За остварување на оваа цел неопходно е:

• консолидација на јавните финансии, намалување на јавната потрошувачка на ниво на земјите во слична фаза на развој, односно учество од околу 35% од БДП, како и промени на структурата на јавните расходи;

• реформа на јавниот сектор, чии приоритети се: пензискиот систем, системот за здравствено осигурување, јавните претпријатија преку деполитизација и професионално управување;

• да се комплетира регулативата и да се изгради инфраструктура за јавно-приватно партнерство и концесии, со оглед на ниската ефикасност, застарена и неразвиена инфраструктура, ниската продуктивност на јавните претпријатија и јавните комунални претпријатија, а со цел да се создадат услови за ефикасно инвестирање во јавниот сектор;

• воспоставување на ефективни механизми за заштита на доверителите и договорите, паралелно со даночните реформи;

• реформа на пазарот на труд преку реформа на образованието и негово ставање во функција на потребите на работодавачите.

4. Колку Стопанската комора може да придонесе во постигнувањето на овие цели?

-Мисијата на Стопанската комора на Македонија е преку конструктивни предлози да придонесе Владата на Република Македонија паралелно со политичкото и нормативното приближување кон ЕУ, покрај неизбежната политика на фискалната консолидација и дисциплина, да се сврти и кон неопходните економски реформи за да обезбеди зголемување на економската база, како основен фундамент за раст на извозот и вработувањето.

Стопанската комора на Македонија го отвори ова прашање уште во 2010 година, со предлог-мерки во таа насока, систематизирани во предлогот на нов модел за забрзан економски развој, водејќи сметка и почитувајќи го постигнатото на сите дотогашни влади и државни институции, во многу тешките услови на дејствување (осамостојување на земјата, ембарга, блокади, воени дејствија, кризи). Но, како што е познато, активностите продолжија во истата насока, односно кон раст на БДП врз основ на растот на потрошувачката покривана со нови задолжувања.

Факт е дека сите позитивни работи треба да се почитуваат и да се развиваат и понатаму. Но исто така, факт е дека констатираните слабости ќе мора да се менуваат во интерес на развојот и иднината на нашата економија. Затоа Комората, секогаш со идеја како да се поправи системот, кој е во длабока структурна криза, а не да се критикува, давала и ќе дава предлози за мерки и активности во интерес на позитивното деловно опкружување за приватниот сектор.

Би можело да ве интересира

Владеењето на правото и борбата против сивата економија и корупцијата, клучни проблеми за бизнисот

Ковачевски: СДСМ заедно со бизнис секторот ќе ја исполни целта за европска и развиена економија

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Стопанската комора со сет барања за дополнителна поддршка на домашниот агросектор

Стопанска комора ќе бара од ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди и регулативи кај бизнисот

Горан Наумовски

Стопанска комора: Владата го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, но бараме целосно да се стопира неговото донесување