Американските и европски акции забележаа денеска само мал раст на вредноста по информациите дека американската економија во декември задржала стабилно темпо на отворање нови работни места.
Европските акции остро паднаа во почетокот на тргувањето, по појавата на записник од декемврискиот состанок на ФЕД во кој се открива дека одделни официјални лица се залагале оваа година да биде завршена програмата за стимулативни мерки на американската централна банка.
Водечките индекси нешто подоцна регистрираа раст по извештајот дека американската економија во декември отворила 155.000 работни места.
Паневропскиот индекс на акции FTSEurofirst 300, кој мери просечна вредност на акциите на 300 најпрофитабилни компании во Европа, заврши тргувања во плус од 0,4 отсто на 1.167,24 поени што е највисоко ниво од почетокот на 2011 година.
Лондонскиот индекс на акции FTSE 100 се зголеми за 0,7 отсто на 6.089,84 поени, франкфуртскиот DAX 30 се зголеми на 0,26 отсто на 7.776,37 поени додека индексот на париската берза CAC 40 се зголеми за 0,2 отсто на 3.730,02 поени.
На Волстрит американските акции исто така имаа раст – Дау Џонс се зголеми за 0,1 отсто, на 13.340,64 поени, а S&P за 0,3 отсто на 1.463,26 поени.
Во Азија главниот индекс на токиската берза Никеи 225, на првиот ден од тргувањата се зголеми за 2,8 отсто на 10.688,11 поени што е негово највисоко ниво во изминатите 22 месеца.