АД „МЕПСО“ вложува 3,18 милиони евра во реконструкција на ТС „Битола 2“

Од:

АД „МЕПСО“ ќе ја реконструира 400/110 kV трансформаторска станица „Битола 2“, која има витално значење за енергетскиот сектор во земјава.

Со реконструкцијата ќе биде сменета старата опрема, која не е заменета 38 години, со нова високонапонска опрема за што ќе бидат вложени 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој. Според договорот, проектот треба да заврши во рок од три години, а за реконструкцијата е задолжен хрватски „Далековод“ кој е избран за најповолен понудувач на меѓународен тендер согласно условите на Европската банка за обнова и развој.

Договорот за реконструкција денеска во Скопје го потпишаа генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева и претставникот на „Далековод“, Никола Маџар, а на чинот на потпишување присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според генералната директорка на АД МЕПСО, ова вложување е уште едно во низата инвестиции за стабилен и доверлив систем, за да се сведат на минимум ризиците од испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и да се намалат трошоците во работењето на компанијата.

– За да го дадеме во целост контекстот на овој значаен процес за реконструкција на ТС „Битола 2“ составен од три проекти, сакам да потсетам и на другите две инвестиции – првиот проект е во поодмината фаза и станува збор за набавка, монтажа и инсталација на 13 прекинувачи во 400 kV постројка, инвестиција вредна еден милион евра. Вториот е набавка на нов 400/110 kV енергетски трансформатор за оваа трафостаница, вреден 2,4 милиони евра, за кој е склучен договор со реномираниот словенечки производител „Колектор ЕТРА“. Трансформаторот е произведен и треба да биде испорачан за три месеци, истакна Шуклева.

За министерот за транспорт и врски, модернизацијата на оваа трафостаница само ја потврдува стратешката заложба на државата за стабилен енергетски систем во југозападниот дел од преносната мрежа.

– Како Влада, преку МЕПСО, влеговме во еден сериозен инвестициски циклус од околу 100 милиони евра во изградба на нови далекуводи, така што старите далекуводи ќе ги замениме со нови за да обезбедиме квалитетна мрежа која ќе трае со децении. Целосно се реконструирани трафостаниците во Валандово, Осломеј и во Дуброво, а во завршна фаза е реконструкцијата на трафостаницата „Прилеп“. Се работи на модернизација и на трафостаницата во Струмица. Морам да спомнам дека се прават подготовки за почеток на изградба и на далекуводот од Битола и неговото поврзување со Албанија, така што остануваме целосно посветени на изградба на стабилен електропреносен систем во државата. И преку сите овие инвестиции испраќаме сериозна порака до сите домашни и странски инвеститори, сегашни и идни дека создаваме одлични услови за работа како потврда на нашите заложби за стабилен енергетски систем, потенцира министерот Бочварски.

Со договорот за реконструкција се опфатени 400 kV како и 110 kV разводни постојки во ТС „Битола 2“. Притоа ќе бидат набавени и монтирани 25 разделувачи на сите 9 полиња и 14 потпорни изолатори за 8 полиња во 400 киловолтната разводна постројка, а во 110 kV разводна постројка ќе бидат набавени и монтирани 42 разделувачи на сите 14 полиња и 75 мерни трансформатори на 13 полиња .

ТС „Битола 2“ има стратешко значење во енергетскиот систем на земјава бидејќи на неа се приклучени РЕК Битола како најголем производител на електрична енергија во земјава, како и рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со електроенергетскиот систем на Грција.

Би можело да ве интересира

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Петрушевски: МЕПСО под СДС и ДУИ дало согласност за авансна исплата од 1.8 милиони евра на фирма која 5 години нема никаков приход

Катерина Ѓуровски

Петрушевски: Директор во МЕПСО од СДС и ДУИ претходно бил управител во Шанси инвест од Албанија која добила 10 милионски тендер

Катерина Ѓуровски

ВМРО – ДПМНЕ: Обвинителството да отвори предмет за сомнежите за криминал во МЕПСО

Реакција од МЕПСО: Во голема паника, ДУИ вeќе почна да ги напаѓа кадрите на Зијадин Села

Директорот на МЕПСО кој му е братучед на Изет Меџити потроши 15.000 евра за цвеќе тврди ДУИ

Катерина Ѓуровски