Заштита на стандардот на граѓаните, обезбедување поквалитетен живот и услови за економско заздравување, со истовремена фискална консолидација и подобра контрола на трошењата се целите на политиките и мерките што се дел од Дополнетиот предлог буџет за 2023 година што од денеска е на дневен ред во Собранието на РС Македонија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој го образложи Дополнетиот предлог буџет пред пратениците оцени дека Предлог буџетот за 2023 година е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира соодветно средствата на граѓаните и фирмите.
„Предлог-буџетот за 2023 година има четири цели, а тоа е да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Овој Предлог-буџетот е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување на фискална одржливост при што тоа нема да влијае негативно на економската активност“, истакна Бесими.
Тој наведе дека управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување во Европа и потсети на антикризните мерки што ги донесе Владата со кои се ублажи високиот пораст на цените на храната и горивата, се обезбеди поддршка за ранливите категории граѓани и фирми, а воедно се спроведуваа активности за поттикнување на енергетската ефикасност. Во услови на енергетска криза на глобално ниво, како и рапиден пораст на цените на енергенсите, министерот потенцира дека даночната политика во 2023 година ќе продолжи со функцијата на стабилизација на цените на пазарот на овие производи во земјата. А за натамошна заштита на граѓаните и стопанството за 2023 година се предвидени близу 14 милијарди денари.
Она што го карактеризира овој Предлог буџет е подобреното управување со јавните финансии, кое ќе се остварува преку редизајнирање на нивната структура, зголемено учество на капиталните расходи, на инвестициите во конкурентноста, дигитализацијата, поддршката на приватниот сектор и унапредувањето на инвестициската клима, а при тоа ќе се кратат неприоритетните и несуштински трошоци.
„Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии: капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари (“value for money”), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот„, рече министерот.
Капиталните инвестиции во 2023 година се планирани на ниво од околу 48,8 милијарди денари или за околу 51,8% повисоко во однос на планот за 2022 година, кои се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Во 2023 со предложениот буџет се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор. За тоа во Дополнетиот предлог буџет се планирани 276,1 милијарда денари. Средствата за стоки и услуги се на ниво од 2022 година во износ од 23,6 милијарди денари а со кои се обезбедува финансирање на зголемените трошоци за енергија и транспорт и непречено функционирање на институциите. 144,9 милијарди денари се за социјални трансфери, односно за исплата на пензии 75 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита 12,7 милијарди денари, за здравствена заштита 42,1 милијарда денари, а 26,7 милијарди денари изнесуваат трансферите до единиците на локалната самоуправа, кои се зголемени за 1,2 милијарди денари. Триста и седумдесет милиони денари во дополнетиот Предлог буџет се обезбедени и за субвенциониран студентски оброк за академската 2022-2023 година.
Буџетот за 2023 година според Дополнетиот предлог изнесува 324,8 милијарди денари, приходите се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари, кои е за 14,8% повисоко од 2022 година, при тоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари, кој ќе се финансира од домашни и надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9 %, а инфлацијата 7,1 %.
Согласно Деловникот на Собранието на РС Македонија расправата по Дополнетиот предлог буџет на пленарна седница трае најмногу пет дена.