За исклучителни дискографски достигнувања во музиката, Влатко Стефановски, македонскиот музички амбасадор и еден од најзначајните гитаристи и кантавтори во регионот, го доби најголемото дискографско признание во Хрватска – Multi-platinum award на Хрватското дискографско здружение.
Како што информира Иван Бечковиќ, експерт и супервизор за некои изданија во „Кроација рекордс“ за земјава, големото признание му беше врачено на концерт во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, каде со својата екипа настапи на 7 декември, и тоа лично од Желимир Бабогредац, председател на Хрватското дискографско здружение и директор на „Кроација рекордс“.
Стефановски на регионална музичка сцена, а и пошироко, е познат како водач на култните „Леб и сол“, по што изгради успешна соло-кариера. Освен на полето на рок музиката, Стефановски е успешен и како композитор на театарска и филмска музика, но и како учесник на многубројните проекти со светски музичари и е вистински музички амбасадор.
На концертот во Загреб тој го промовираше актуелниот албум „Taftalidze Shufle“, настапувајќи со своето Трио, во кое е неговиот син Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукуќ (бас гитара), на кое му се приклучи и Дамир Имери на клавијатури и Хемонд оргуљи, па во еден миг тоа стана квартет.
Два и пол часовниот концерт започна со легендарната „Успаванка за Радмилу М.“, а во македонскиот традиционал „Елено, ќерко“, на сцената се придружи и Раде Шербеџија, кој, зборувајќи за соработката со Стефановски, кажа: „Искреното пријателство е најважно од се“. Нивното пријателство трае цели 40 години.