На 9 и 10 јули на отворената сцена пред Центарот за култура во Кичево ќе се одржи 14-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал на песни и ора „Др Владимир Полежиноски“. На фестивалот ќе настапат девет фолклорни ансамбли и фолклорни групи од земјава и од странство.
Годинешното издание на фолклорниот фестивал со својот настап ќе го отвори домаќинот на фестивалот „КУД Бисер“ Кичево, кој работи во рамките на Центарот за култура.Потоа ќе се претстават Ансамблот „Бајрам Цури“ од Косово, фолклорната група „Етнос“ од Скопје, КУД „Каршијака“ Скопје и КУД „Аќиф Јахја“ Теарце. Почетокот на програмата е од 21 часот.
На 10 јули во сабота ќе настапат, КУД „Ускана“ Кичево, КУД „Бисер“ Кичево, уметничкиот ансамбл „Азис Ндреу“ од Албанија, КУД „Таше Милошески“ од Ресен, а програмата ќе ја затвори домаќинот на фестивалот КУД „Рацин“ Кичево.
И годинава покровител на фестивалот е Центарот за култура од Кичево, а фестивалот финансиски е подржан од Министерството за култура, со 350.000 денари.
Организаторот потсети дека во случај да има врнежи од дожд, програмата ќе се пресели во големата сала од Центарот за култура.