Сто и педесетта изведба на претставата „Сомнително лице“

Од:

Претставата „Сомнително лице“ вечер ќе има 150-та изведба од премиерата во 2007 година. Познатата комедија на Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Евтимов за една деценија ја виделе 55.700 гледачи. Јубилејната изведба е со почеток во 21 часот и е во рамки на роденденскиот маратон на Македонскиот народен театар.

Режисерот Евтимов на прес-конференција по повод јубилејната изведба рече дека оваа претстава му го сменила животот и понудата од МНТ во почетокот на 2007 година, како што рече, дошла во моментот кога размислувал да се откаже од занимавањето со театар.

– Понудата за „Сомнително лице“ дојде од ведро небо и тоа реално ми го смени животот зашто веќе длабоко бев влезен во маркетингот и планирав да престанам да се занимавам со театар. Кој би рекол дека после десет години ќе седам овде, на прес по повод 150-та изведба на таа претстава. „Сомнително лице“ е еден од брендовите на овој театар, а и авторот Нушиќ е, исто така, бренд на овој театар и е поврзан со неговата историја, рече Евтимов.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, ретко се случува еден театар да слави вака голем број на изведби, а „Сомнително лице“, рече тој, е една од култните претстави во историјата на Македонскиот народен театар.

– Секоја генерација на актери во МНТ некако ја носи таа убава одговорност да се прераскаже повторно „Сомнително лице“ на еден нов начин. Оваа наша генерација, благодарение на Синиша и на целата актерска екипа, добро си ја има завршено работата и во сабота ќе ја има 150-тата изведба. На бројот на гледачи што ја виделе, 55.700, може да позавидат и многу музички ѕвезди кои ќе дојдат еднаш, ќе имаат концерт во некоја поголема сала и тоа навидум изгледа како феномен. Но, мислам дека феноменот се вика театар и овојпат тоа е „Сомнително лице“, рече Пројковски.

Во изминатата деценија во претставата учествувале 30-ина актери кои во различни периоди играле различни ликови. Во актуелниот кастинг се актерите: Александар Микиќ, Сашко Коцев, Нино Леви, Гораст Цветковски, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Никола Ристановски, Ванчо Петрушевски, Магдалена Ризова-Черних и Емил Рубен. Дел од актерската екипа учествуваат и во уште една Нушиќева претстава на репертоарот на МНТ – „Госпоѓа министерка“ која, исто така, неодамна имаше 150-та изведба.

На денешниот роденденски маратон на МНТ, со мото „Создаваме на светов убавина“, ќе бидат изведени уште две претстави – од 15 часот „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, и од 13 часот на Мала сцена – „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ – двете премиерно изведени минатата година.

Македонскиот народен театар соопшти дека студентите бесплатно ќе може да ги гледаат претставите „Животот е прекрасен“ и „Сомнително лице“ со приложување индекс или студентска легитимација на билетарницата на театарот.

МНТ го одбележува роденденот на 3 април – датумот на кој во 1945 година била изведена првата претстава на македонски јазик – „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ