Средба во сеќавање на академик Рина Усикова на Филолошкиот факултет

Од:

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 21 ноември во 11 часот во салата за седници на Факултетот ќе одржат средба по повод смртта на академик Рина Павловна Усикова, истакнат лингвист и основоположник на македонистиката во Русија.

-На 10 ноември 2018 година во Москва почина Рина Павловна Усикова, истакнат лингвист, професор на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, член на Македонската академија на науките и уметностите, научник, лексикограф и преведувач и еден од најзначајните македонисти во светот, соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет во Скопје.

Усикова, која е родена во Москва на 11 март 1933 година, студирала бугаристика на Катедрата за славистика при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и по дипломирањето под менторство на С.Б. Бернштејн, својот научен интерес го насочува кон македонистиката. Во 1965 година ја одбранила магистерската дисертација „Морфологија на именките и глаголите во современиот македонски литературен јазик“ и станала автор на првиот научен труд за македонскиот јазик одбранет надвор од границите на Македонија.

Благодарение на Усикова во 1966 година почнува наставата по македонски јазик на Универзитетот „Ломоносов“, а од 1975 година македонистиката добива статус на главна специјалност, со што Катедрата за словенска филологија на „Ломоносов“ станува прв центар во Русија каде што се подготвуваат идни македонисти.

Афирмацијата на македонскиот јазик во Русија Усикова ја продолжува и поткрепува со повеќе од 100 научни трудови, а покрај нив таа ѝ приближила на руската читателска публика дела од македонски автори преку нејзините преводи на руски јазик, како Абаџиев, Момировски, Дракул, Горан Стефановски… Има улога и во афирмацијата на рускиот јазик во Македонија и во развојот на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на која како гостин професор од 1992 до 1997 година вовела нови предмети и формирала нова насока, а заедно со колегите изработила речник и учебници за идните русисти.

– Благодарение на исклучителните заслуги за македонистиката во 1979 година стана дописен член на МАНУ, а во 1996 година почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1989 година добива Орден на југословенското знаме, а во 2007 и Медал за заслуги за Република Македонија. Нејзиното заминување претставува непроценлива загуба за македонистиката и лингвистиката воопшто, наведува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

Орце Костов

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката