Се врати староградската музика во Делчево

Од:

Популарните серенади кои биле изведувани пред повеќе години во Делчевско, со настап на неколку групи и оркестри од нашата држава и Бугарија, синоќа во Делчево на голема врата се вратија меќу љубителите на староградската музика.

Според музикологот и професор по музичка култура, Слободан Илиоски, серенадите се карактеристични и денес, но во помал обем и ги практикуваат одредена група луѓе.

– Поимот серенада е од дамнешни времиња, луѓето се собирале и музицирале во друштва, ергените оделе да им пеат на момите љубовни песни, таканаречени серенади, се собирале друштва за одредени слави и празници да се дружат и останало тоа од секогаш. Исто така дружењето кога се собираме спонтано и си свириме е наречено серенада, вели Илиоски.

Настанот наречен „Вечер на серенада“ го организираше Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, а годинава, како што информираше директорот Методи Толевски доби поддршка од Министерството за култура.

– Имавме настап на повеќе групи и оркестри. Настапија група „Мелем“ од Виница, ни гостуваа „Беровските тамбураши“ , имавме гостување на група „Неврокоп“ од град Гоце Делчев, Република Бугарија, а секако тука беа и пејачката група „Ѓурѓа“ од Делчево, со оркестарот „Делчевски еснафи“ и вокалот Кире Цоневски. Сите тие се претставија со неколку композиции карактеристични за македонската музика, секако со акцент на серенадата. На задоволство на публиката имавме можност да чуеме и новокомпонирана македонска песна, која е особено популарна кај љубителите на различниот жанр на музика. Се надевам дека ваквите музички вечери ќе продолжат и во иднина, а со тоа ќе продолжи и традицијата на негување на она што се нарекува македонска музика, во било каква форма и од било кој вид, истакна Толевски.

Како дел од настанот, музичката традицијата која во Берово е стара преку 40 години ја претставија „Беровските тамбураши“.

– Ова е е една голема традиција која со староградскиот оркестар трае веќе 40 години. Овие две години како „Беровски тамбураши“ веќе имаме неколку гостувања надвор од републиката. И благодарам на делчевската публика, што бевме добро примени и се надевам дека ќе продолжиме со ист жар и со иста работа, истакна Ѕвонко Скендерски, раководител на староградскиот оркестарот кој настапува како дел од Домот за култура „Димитар Беровски“ од Берово.

Посебно воодушевување меѓу присутните на таканаречената „Вечер на серенада“ предизвика настапот на група „Неврокоп“ од Гоце Делчев, Република Бугарија, која веќе осум години музицира заедно.

Првпат свое појавување на „Вечер на серенада“ имаше и оркестарот „Мелем“ од Виница кои, како што информираше Доне Јангелов, се претставија со повеќе музички инструменти. Тие настапуваат веќе 20 години во државата и во странство.

Ваквата музичка дружба меѓу музичарите, како што најави Горан Огнановски, директорот на Културно-информативниот центар „Романса“, многу скоро би можела да се најде и на репертоарот како културната понуда во Македонска Каменица.

– Изненаден сум од овој настан и се надевам дека ваков и сличен настан ќе направиме и во Македонска Каменица. Нешто слично вакво не очекува наскоро кога во Македонска Каменица ќе продефилира караванот на фестивалот „Истибањско здравоживо“, при што ќе имаме прилика да бидеме домаќини на многу фолклористи како од Република Северна Македонија така и од странство, истакна Огнановски.

„Вечер на серенада“ се одржа по повод 75 години од ослободувањето на Делчево.

Би можело да ве интересира

Меѓународен кадетски кошаркарски турнир во Делчево

Ана Ололовска

Младински турнир во ракомет во Делчево

Ана Ололовска

Вечер на староградска музика во Делчево

Ана Ололовска

Пожар во делчевското село Бигла

Концерт на Даниела Мартиновиќ во рамки на „Делчевско лето 2019“

Ана Ололовска

Започна пријавувањето за вториот ноќен турнир во кошарка во Делчево

Ана Ололовска