„Сама на мојата свадба“ – најдобар филм на 17. „Синедејс“

Од:

Белгискиот „Сама на мојата свадба“ на режисерката Марта Бергман е најдобар филм меѓу осумте во oфицијалната селекција на 17. „Синедејс“. Фестивалот на европски филм синоќа беше затворен со доделување на наградите за филмовите во натпреварувачките програми и со премиера на македонскиот игран филм „Еј!“ на Васил Христов.

„Сама на мојата свадба“ е приказна за млада Ромка, самохраната мајка Памела, која настојува да ги усогласи потребите на својата двегодишна ќерка со нејзиниот сон за слобода. „Наградата на овој филм му се доделува поради тоа што зборува за една од најранливите теми денес, преку автентична и возбудлива нарација што допира до срцето на универзалната публика“, наведе тричленото жири (Александра Накелски, Бригита Мантај и Верица Недеска) во одлуката за наградата.

Награда за најдобра режија во oфицијалната селекција доби Украинката Марисја Никитук за нејзиниот дебитантски долгометражен филм „Кога дрвјата паѓаат“ – копродукција на Украина, Полска и Македонија (продукција „Фокус ин“). Австрискиот филм „Полицајци“ на сценаристот и режисер Стефан Лукас, пак, беше награден за најдобро сценарио. Специјална награда му беше доделена на шпанскот филм „Ана преку ден“ на Андреа Жориета.

Меѓу шесте филма во Програмата на балкански филм „СинеБалкан“, за најдобар беше прогласен „Брак“ – копродукција меѓу Косово и Албанија на режисерката Блерта Зекири. Според тричленото жири кое одлучи за наградата во оваа програма (Инти Шрај, Изер Алиу и Серван Гунеј), Зекири во својот филм храбро се соочува со проблематична тема за маргинализираните групи кои се табу скоро секаде во светот. „Прекрасно опишана приказна, суптилна глума, емотивно силно набиен филм“ – наведе жирито во одлуката.

Специјална награда во „СинеБалкан“ му беше доделена на црногорскиот филм „Мрзливец“ на режисерот Алекса Стефан Радуновиќ.

Во Студентската програма, во која учествуваа 40-ина филмови на студенти од филмски академии од регионот, наградата ја доби Ирена Гатеј од Универзитетот во Нова Горица, Словенија, за нејзиниот филм „Возење, песна за татко ми“.

Во соработка со фестивалот за млади „Џифони Македонија“, првпат годинава на „Синедејс“ беше доделена и награда „Young Film Award“, која му припадна на турскиот филм „Арада“. Наградата од петтиот конкурс „Нова филмска критика“ ја доби Вероника Камчевска за рецензијата за „Не допирај ме“ – филм кој победи на годинашното Берлинале.

Фестивалот „Синедејс“ заврши во кино „Милениум“ со премиера на играниот филм „Еј!“ на Васил Христов, снимен пред десет години, а постпродукциски довршен оваа година откако доби средства од Агенцијата за филм за техничка обработка.

По проекцијата, на сцената излегоа режисерот и околу 20 актери од неформалниот „Еј! Колектив“ кои пред една деценија шест недели без буџет и речиси илегално го снимиле филмот – политичка сатира за киднапираниот премиер. Филмот од четврток, 22 ноември, ќе биде на редовниот репертоар на кината „Милениум“ и „Синеплекс“.

Во неколку фестивалски програми на „Синедејс“ од 8 до 18 ноември беа прикажани повеќе од сто филма. Од Младинскиот културен центар, организаторот на фестивалот, соопштија дека 17-тото издание го посетиле повеќе од 18 000 гледачи.

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Со премиерата на филмот „М“ отворен 22. CINEDAYS

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Премиера на филмот „Синиот час“ на 13-ти јули во МКЦ парк кино

Ана Ололовска