Од денеска до 10 април, од 10 до 20 часот, ќе биде отворен за посетители 29. Саем на книгата, кој е меѓу најпосетените манифестации на Скопскиот саем.
Организаторите за годинава најавија учество на 80 издавачи и продажба на околу 80.000 книги, некои со попуст и до 70 проценти. Саемот се одржува во првата хала, на површина од 4.000 квадратни метри.
– И оваа година ќе биде обезбедена најголемата концентрација на домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста, соопшти Скопски саем, организатор на настанот.
Саемот на книга вчеравечер свечено го отвори заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој истакна дека безмалку три децении тој претставува значајна проекција на најновите творечки остварувања и е место каде што се трага по смислата и предизвиците што ги нуди пишаниот збор.
– Оваа манифестација, која е најпосетуваниот настан од областа на литературата и издаваштвото во нашата земја, низ годините успеа да ја пренесе суштинската порака на литературата и убавината на книжевноста, која отсекогаш ја имала моќта да гради трајни пријателства меѓу луѓето, рече Недељковиќ.
Покрај понудата од наслови, посетителите во наредните саемски денови може да присуствуваат на 60 промоции на нови дела и автори (во Промотивниот центар во втората саемска хала), како и на дебати, трибини, доделувања на награди.
Првпат годинава ќе биде претставена и литературата за деца и млади во адаптираното Детско катче каде најмладите ќе може да се едуцираат и забавуваат со богати промоции на детски изданија, креативни работилници и други забавни активности, како и дружење и гостувања на авторите на самите штандови на издавачите.
Од четврток до сабота (6-ти до 8 април) покрај Саемот на книга ќе се одржуваат и Деновите на образование и кариера и Саемот за туризам „Скопје травел маркет“.
За сите саеми цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за организирани групни посети.