Најновата книжевна продукција од домашни и странски издавачи на 70 штандови и на простор од околу 3.000 метри квадратни во Метрополис арената ќе биде претставена на 25. Саем на книгата, кој ќе се одржува од утре до 15 април. Саемот свечено ќе биде отворен вечер во 19 часот.
Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем, на прес-конференција денеска информираше дека во седум саемски дена на едно место ќе се соберат најголемите издавачи од Македонија, како и од Србија, Албанија, Италија и од Шведска. Тие ќе понудат разновидна литература – белетристика, научна, книги за деца… Очекува 40.000 посетители зашто овој, по саемот за мебел, е втора саемска манифестација по посетеност.
Третпат на саемот ќе се одржува акцијата „Подари книга, подари богатство“, а нејзин покровител заедно со Скопски саем оваа година е Министерството за култура. Министерката Елизабета Канческа-Милевска истакна дека целта е да се подигне свеста за книжевното творештво, особено кај младата популација која преку книгата, рече таа, треба да ја гради својата перцепција за културата и вистинските вредности.
– Воедно оваа акција го поттикнува и издаваштвото кое е една од темелните вредности на културниот мозаик во Република Македонија и токму затоа во последниот период издаваштвото на повеќе начини и преку повеќе активности е стимулирано од Владата и Министерството за култура. Саемот на книгата е меѓу најпосетените и најзначајните културни манифестации која секоја година ги зближува авторите и читателите и овозможува нивна комуникација на клучни теми. Саемот на книгата е и можност повеќе издавачите да ги промовираат своите најнови изданија, своите концепции и визии за натамошниот развој на издавачката дејност, а авторите преку оваа манифестација ги афирмираат вредностите на македонската творечка мисла, истакна Канческа-Милевска.
Министерството ќе има свој штанд на саемот, на кој секој ден од 12 до 13 часот ќе ги презентира капиталните книжевни проекти на Владата на РМ: едицијата „130 тома македонска книжевност“ на македонски и на англиски јазик, преводите на дела на нобеловци – 145 наслови, од кои последните 20 ќе бидат промовирани следната недела, и едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ која опфаќа 560 наслови од сите жанрови.
На штандот на Министерството во четврток ќе биде презентиран новиот проект – „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, а во петок ќе бидат промовирани и успешните проекти за литературни преводи поддржани од програмата на Европската унија Култура 2007-2013 и ќе се одржи панел-дискусија „Европската литература – денес и утре“.
Новина годинава е што саемот ќе трае ден повеќе и ќе го опфати понеделникот од следната недела. Претседателот на Здружението на издавачи и книжарни на Македонија (ЗИКМ) Горјан Лазаревски рече дека тоа е можност за читателите да имаат цел викенд за посета на саемот, наместо тој да завршува во недела како во изминатите години. Соопшти дека ЗИКМ ќе ги додели петте традицонални награди меѓу две саемски манифестации – за најдобро оригинално издание, за ликовно обликување и дизајн, за најдобра илустрација на сликовница, за најдобро отпечатена книга и за најдобар книжар.
И НУБ „Св. Климент Охридски“ во рамки на саемот ќе ја соопшти и ќе ја додели наградата за најчитан автор во Македонија, врз основа статистиката од библиотеките во државата. Наградата ќе биде доделена третпат, претходни добитници се писателите Горјан Петревски и Венко Андоновски.
Покрај понудата на книги, саемот е и можност за средби на читателите со авторите, така што тие, како и промоциите, се составен дел и од годинашната манифестација. Работното време е од 10 до 20 часот, влезот е 30 денари и 20 за организирани посети.