„Се гледаме на врвот“ – книга за тајните на успехот, која беше промовирана денеска, е прво дело на 29-годишниот Коста Петров. Во неа тој ги преточил своето лично и професионално искуство од честите патувања и средбите со голем број познати личности во светот.
Петров истакна дека книгата ја напишал за да ја поттикне личната амбиција на тие што сонуваат и имаат храброст да се соочат со сонот, дека успехот е поизвесен ако има повеќе поставени предизвици и дека секој во себе носи моќ за исполнување на поголеми и посуштински нешта.
– Оваа книга исполнета со моето лично искуство и со мојата потрага по успехот низ светот би сакал да биде инспирација за секого дека големи и клучни работи можат да започнат од овде и да се случуваат тука во Македонија. Книгата кажува дека доколку вие самите сте одлучни да ја постигнете целта, не мора решението да го барате надвор во светот, промената може да тргне од Македонија, Скопје, изјави Петров.
Тој најави дека средствата од продажбата на книгата ќе ги насочи во фондот „P World“ наменет и достапен за сите кои, како што рече, имаа желба, креативност, ентузијазам и храброст да објават свое авторско дело и со тоа да ги достигнат личните височини.