Во придружната програма на 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“ вечер од 20.30 часот во МКЦ ќе биде промовирана „Живот с иди(ј)отима“ – автобиографска книга на поранешниот басист на панк-бендот КУД Идијоти, Ненад Марјановиќ – Д-р Фриц.
-Книгата го опфаќа дискографски најпродуктивниот дел од кариерата на бендот, кој во текот на воените години се здоби со култен статус низ целиот Балкан, а антивоениот став и нескриен антифашизам ги рангираа КУД Идијоти меѓу иконите на урбаната левица во овој дел од Европа. „Живот с иди(ј)отима “ е искрена и емотивна приказна за Пула, Истра, љубов, омраза, крај на еден систем и воспоставување нов, крај на една и воспоставување на друга држава, соопшти организацискиот тим на фестивалот.
Ненад Марјановиќ – Д-р Фриц (Пула, 1964) е новинар и коментатор на истарскиот портал „Regional Express“, уредник и водител на сатиричното телевизиско шоу „Систематски преглед“ и двигател и сопственик на истарската „Рок галерија“.
Од 13 часот во МКЦ во придружната програма ќе се одржи работилница – вовед во маркетинг на филм: „The Do’s and Don’t’s” со цел филмаџиите да научат да бидат одговорни за маркетингот, продажбата и дистрибуцијата на нивниот проект.
На предавањето ќе бидат претставени „тајните оружја“ на маркетингот – позиционирање, бенчмаркинг, предности и предизвици, одредување на целна публика, а ќе се зборува и за промоција на блокбастери наспроти инди филмови, модели за дистрибуција, филмски маркетинг во дигиталната ера и корисни совети за создавање на најдобри можни материјали за промоција.
Предавањето ќе го одржи Кристина Пелекани, магистер по менаџмент во уметноста на Сити универзитет во Лондон, која дипломирала маркетинг.
-Една од целите на предавањето е да им се помогне на продуцентите да размислуваат и како филмски инвеститор и како филмски љубител, соопшти „Синедејс“.