Премиерно прикажан долгометражниот документарен филм „Сведоци-Австралија“

Од:

Долгометражниот документарен филм „Сведоци-Австралија“ во режија на Марија Џиџева денеска премиерно беше прикажан во Кинотеката на Македонија. Реализацијата на филмот е дел од проектот за „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видео материјали и разговори со Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век“.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска пред премиерата на филмот рече дека станува збор за трет дел од долгометражниот филм „Сведоци“, исклучително значаен проект од програмата на Владата и Министерството за култура, кој ќе има трајно влијание во македонскиот историски и образовен контекст и кој ќе ја збогати македонската историска наука со нови и вредни сознанија.

Долгометражниот филм „Сведоци-Австралија“, истакна министерката, е автентично сведоштво за тешката судбина и личната драма на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои иако го продолжија својот животен пат во Австралија не ја заборавија својата татковина.

– Овој долгометражен филм е епска едночасовна драма во која се прикажани прогонeтите, дискриминираните и репресираните Македонци кои се соочија со вистинска голгота поради сопствениот македонски, етнички, јазичен и културен идентитет. Токму затоа непроценлива е вредноста на овој документ, кој ќе ја сочува нашата колективна меморија за идните генерации, документ кој го потврдува нашиот легитимитет како нација која ја почитува и валоризира историјата, посочи Канческа Милевска.

Нагласи дека проектот за документирање на сведоштвата на Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век, почнале да го реализираат уште во 2010 година и во него биле вклучени бројни историчари и други стручни лица од Институтот за национална историја, Сојузот на Mакедонците по потекло од Егејот – „Македон“, Сојузот на здруженија на децата прогонети од Егејска Македонија – „Незаборав“ и Сојузот на стопанските комори. Овој обемен тим во изминатиот период, посочи министерката, многу посветено документираше и архивираше над 680 животни приказни на децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција, како и на преживеаните учесници, кои денеска живеат во Република Македонија, Европа, Канада и во Австралија.

– Првиот дел од трилогијата содржеше дел од 427 интервјуа реализирани во повеќе градови во Македонија и беше прикажан пред македонската јавност во 2012 година. Минатата година го заокруживме и вториот дел од овој циклус во кој беа содржани преку 90 интервјуа снимени во Канада, а во овој трет сегмент од проектот со нашата емиграција во Австралија беа реализирани 128 потресни искажувања од нашите Македонци, истакна Канческа Милевска.

Укажа дека интензивно се работи и на документирањето на сведоштвата на Македонците кои што живеат во Чешка, Полска, Австрија, а до крајот на годината ќе се архивираат и повеќе лични искажувања на Македонците од САД.

– Со сите овие документи и обемната документација која ни ја подарија нашите соговорници ќе биде збогатена и постојаната историска поставка посветена на децата бегалци од Егејска Македонија, која неодамна беше отворена во Музејот на Македонија и досега има импозантна бројка од повеќе од 2.000 посетители. Сведоштвата на нашите Македонци во ова филмско остварување несомнено на најдобар можен начин го потврдуваат историското автохтоно постоење на македонскиот народ на територијата на Егејска Македонија, додаде Канческа Милевска.

Директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска рече дека целта на проектот е да се зачува културното и историското наследство од Егејска Македонија на протераните Македонци за време на Граѓанската војна во Грција, да не се заборави историјата односно минатото на македонскиот народ.

– Памтејќи го минатото всушност ја создаваме нашата иднина, а истовремено придонесуваме за зацврствување на сопствениот културен идентитет. Интервјуата за проектот ги реализираа историчари од Институт за национална историја. Во втората половина на годинава ќе следува премиера на четвртиот документарен филм од интервјуата кои минатата година беа снимени низ Европа, додаде Ѓоргоска Илиевска.

Историчарот Теон Чинго од Институтот за национална историја истакна дека во текот на едномесечниот престој на петтиот континент ја согледале присутноста на феноменот – колку една личност е подалеку од својатата матична држава, толку е поголема неговата љубов кон неа.

– Таков беше случајот и со Австралија. Наидовме на луѓе кои не пречекаа како свои чеда, ни ги отворија вратите во нивните домови, во нивните македонски центри и цркви. Токму затоа овој филм им е посветен ним, на оние луѓе кои животната судбина го однела најдалеку од нивните огништа и кои никогаш не дозволиле далечината да ги одвои од тоа што навистина се, додаде Чинго.

Режисерката  Џиџева рече дека била соочена со еден дел од нашата историја, со многу емоции и искрени кажувања кои и на неа и отвориле нов поглед кон нашата историја и живеење. Таа се заблагодари на тимот со кој работела бидејќи, како што рече, заедно направиле една емотивна приказна.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата