Премиерата на „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски го отвора 18. „Синедејс“

Од:

Премиерата на македонскиот филм „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски, урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот, вечер од 20 часот во кино „Милениум“ ќе го отвори 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“.

Филмот е приказна за Леа – млада девојка која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, таа почнува необична потрага по среќа и да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе.

Ликот на Леа во филмот го игра младата Дејана Попоска, која живее и работи во Париз каде што студирала глума. Во актерската екипа се и Сашко Коцев, Ана Стојановска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска.

Режисерот Зафировски го напиша сценариото за филмот заедно со Дејан Дуковски и Огнен Георгиевски. Кинематографер е Димо Попов, монтажата на филмот ја направи Андрија Зафрановиќ, а композитор е Огнен Атанасовски.

Фестивалот ќе биде затворен на 15 ноември со филмот „Зад хоризонтот“ – македонско–швајцарска копродукција со француската актерка Летиција Каста во главната улога.

„Синедејс“ годинава има единаесет програми со повеќе од 100 филмови, како и придружна програма од десет работилници, предавања и мастеркласови и седум концерти и диџеј-сетови. Фестивалот ќе се случува во три киносали – „Милениум“, „Фросина“ и во Џебното кино на Младинскиот културен центар.

Покрај филмовите за награди во Официјалната и во програмата СинеБалкан, во деветте фестивалски дена ќе ја има и атрактивната гала-програма со најдобри и наградувани филмови на европските фестивали. Ќе бидат прикажани најнови остварувања на Џим Џармуш, Вуди Ален, Франсоа Озон, Фатих Акин, Роман Полански, браќата Дарден, Педро Алмодовар…

„Синедејс“ ќе се приклучи кон светското одбележување 50 години од првото емитување на комичната серија „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“ на Би-би-си во 1969 година и специјален гостин на фестивалот ќе биде Стив Абот, долгогодишен соработник и продуцент на филмските остварувања на групата.

На Стив Абот на „Синедејс“ ќе му биде врачена награда за животно дело за работа со Монти Пајтон, а тој ќе одржи мастерклас на 14 ноември. Ќе бидат прикажани пет филма на „Монти Пајтон“: „Смислата на животот“; „Монти Пајтон и Светиот грал“; „Житието на Брајан“; „Монти Пајтон во живо од Холивуд Боул“ и „А сега, нешто сосема поинакво“.

Во програмата на музичките документарни филмови, премиерно ќе биде прикажан „Небеска тема” посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот и концерт на групата „Звук улице“ – неговиот прв бенд, пред „Идоли“. Премиерата ќе биде придружена со изложбата „Влада“ на фотографката Горанка Матиќ, која ја следела неговата кариера.

Во оваа програма премиерно ќе биде прикажан и македонскиот музички документарен филм „Ќеиф” во режија на Блаже Дулев, кој го следи развојот на чалгијата во земјава, како и филмот „Туста“ посветен на пејачот на групата „КУД Идијоти“, со промоција на „Живот са идијотима“, автобиографска книга на поранешниот басист на панк-составот од Пула – Ненад Маријановиќ, Д-р Фриц, кој и ќе гостува во Скопје за промоцијата на книгата.

Во музичката програма премиерно ќе биде прикажан и филмот „Стакло“ во режија на Нина Маџиров, која го посветува на својот татко, изведувачот Зоран Маџиров.

И оваа година македонските кратки филмови ќе се прикажуваат пред филмовите од Официјалната селекција и програмата СинеБалкан во киното „Фросина“.

Студентската програма има специјално селектирани студентски филмови од регионалните филмски академии, а во рамките на програмата за најмладите повторно со бесплатни проекции на детски филмови. Новитет оваа година е воведувањето на Програмата за млади (тинејџерски филмови). Земја во фокусот е Швајцарија со четири филма во програмата.

Програмата „МК во ЕУ“, пак, ќе прикаже најнови европски филмови во кои македонски продукциски куќи имаат малцинско учество: „Полусестра“ на Дамјан Козоле; „Глас“ во режија на Огнен Свиличиќ, „Покрај маглата“ на Горан Паскаљевиќ и „Пијавици“ на Драган Маринковиќ.

Ќе има и придружни настани, работилници, концерти, како и специјален настан на 16 ноември, ден по завршување на фестивалот, кога ќе биде презентиран проектот „CON FRONT“.

Покрај наградите за филмовите од натпреварувачките селекции, годинава „Синедејс“ воведува и нова награда – за најдобра филмска музика на авторски филм.

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Со премиерата на филмот „М“ отворен 22. CINEDAYS

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Премиера на филмот „Синиот час“ на 13-ти јули во МКЦ парк кино

Ана Ололовска