Почнува 25. Саем на книгата

Од:

Најновата книжевна продукција од домашни и странски издавачи на 70 штандови и на простор од околу 3.000 метри квадратни во Метрополис арената ќе биде претставена на 25. Саем на книгата, кој ќе се одржува од денеска до 15 април.

Во седум саемски дена на едно место ќе се соберат најголемите издавачи од Македонија, како и од Србија, Албанија, Италија и од Шведска и ќе понудат разновидна литература – белетристика, научна, книги за деца… Организаторот очекува 40.000 посетители зашто овој, по саемот за мебел, е втора саемска манифестација по посетеност.

Третпат на саемот ќе се одржува акцијата „Подари книга, подари богатство“, а нејзин покровител заедно со Скопски саем оваа година е Министерството за култура. Министерката Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција истакна дека целта е да се подигне свеста за книжевното творештво, особено кај младата популација која преку книгата, рече таа, треба да ја гради својата перцепција за културата и вистинските вредности.

Министерството ќе има свој штанд на саемот, на кој секој ден од 12 до 13 часот ќе ги презентира капиталните книжевни проекти на Владата на РМ: едицијата „130 тома македонска книжевност“ на македонски и на англиски јазик, преводите на дела на нобеловци – 145 наслови, од кои последните 20 ќе бидат промовирани следната недела, и едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ која опфаќа 560 наслови од сите жанрови.

На штандот на Министерството во четврток ќе биде презентиран новиот проект – „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, а во петок ќе бидат промовирани и успешните проекти за литературни преводи поддржани од програмата на Европската унија Култура 2007-2013 и ќе се одржи панел-дискусија „Европската литература – денес и утре“.

Новина годинава е што саемот ќе трае ден повеќе и ќе го опфати понеделникот од следната недела. Според претседателот на Здружението на издавачи и книжарни на Македонија (ЗИКМ) Горјан Лазаревски, тоа е можност за читателите  да имаат цел викенд за посета на саемот, наместо тој да завршува во недела како во изминатите години.  ЗИКМ ќе ги додели петте традицонални награди меѓу две саемски манифестации – за најдобро оригинално издание, за ликовно обликување и дизајн, за најдобра илустрација на сликовница, за најдобро отпечатена книга и за најдобар книжар.

И НУБ „Св. Климент Охридски“ во рамки на саемот ќе ја соопшти и ќе ја додели наградата за најчитан автор во Македонија, врз основа статистиката од библиотеките во државата. Наградата ќе биде доделена третпат, претходни добитници се писателите Горјан Петревски и Венко Андоновски.

Покрај понудата на книги, саемот е и можност за средби на читателите со авторите, така што тие, како и промоциите, се составен дел и од годинашната манифестација. Работното време е од 10 до 20 часот, влезот е 30 денари и 20 за организирани посети.

Би можело да ве интересира

МОН за доцнењето од три месеци: Авторите немаа интерес да достават предлог учебници

Орце Костов

Десет книги за античката филозофија од академик Витомир Митевски

Излезе петтиот број од книжевното списание „Книжевни елементи“

А1он

Во сите книжарници „Литература.мк“ се слават денови на литературата, овој пат со попусти до 70 отсто

Жарко Настоски

Објавена книгата „Хотел со големо Л“ од Шурд Кајпер

А1он

Книготека.мк: Преземете бесплатна книга од домашен или странски автор по ваш избор

А1он