Почнува 21. Скопје филм фестивал

Од:

Со премиера на играниот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“, вечер во 20 часот во кино „Милениум“ ќе биде отворен 21. Скопје филм фестивал.

Повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок, ќе понуди новото издание на фестивалот кој до 26 април ќе се одрува во „Милениум“, „Фросина“ и Кинотека.

Филмовите се распоредени во седум програми: Програма на авторски филм; Панорама на светски филм; Македонска продукција; Фокус на француски филм; Програма на европски филм; Ретроспектива на Хичкок, а од оваа година ќе има и нова програма – Квир фокус.

Новиот филм на Блажевски „Година на мајмунот“ е црна комедија, копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Во главната улога е Игор Ангелов, а во актерската екипа се и: Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија.

Главни протагонисти во филмот се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје, и шимпанзото Коко, жител во градината. Филмот е приказна за бегањето на Коко „од ропство во слобода“ поради што Цобе ќе биде отпуштен со ветување дека ќе го вратат на работа доколку го пронајде и донесе назад избеганиот мајмун…

– Во измачената и со транзиција девастирана земја, се крева голема медиумска врева околу избеганото шимпанзо. Коко станува симбол на отпорот и слободарски стремежи, некој што успеал да излезе од магичниот круг на општата ентропија. Така, спасувачката мисија на Цобе за фаќање на шимпанзото ќе стане и предавничка, соопшти СФФ во најавата.

По официјалната премиера, „Година на мајмунот“ од утре ќе продолжи да се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал.

Во програмата Македонска продукција на 21. СФФ ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои е премиерата на документарниот филм „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи, како и „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, кој освои награда за најдобар краток филм на фестивалот Санденс. Во Ретроспектива на Хичкок, пак се пет филма: „Заден прозорец“, „Психо“, „Ребека“, „Птици“ и „Туѓинци во воз“.

Во рамки на фестивалот ќе има и две работилници – режисерот на „Таксим холдем“, Мајкл Ондер, ќе одржи работилница за снимање нискобуџетен филм утре во Кинотека на Македонија, каде ќе има и средба со продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо. Француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин, пак, на 23 април на Универзитетот ЕФТА ќе одржат работилница: „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“. Во кино „Фросина“ во понеделник ќе биде промовирана книгата „За засрамените геј мажи“.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов. Програмата со распоред на проекциите е објавена на: www.skopjefilmfestival.com.mk.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето