Во рамки на новогодишната културна понуда синоќа во Делчево настапија доајените на македонското хорско пеење Академскиот хор „Мирче Ацев“. Хорот кој е дел од Академското културно уметничко друштво при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” Скопје постои од основањето на здружението во 1949 година и од тогаш до денес како што истакна уметничкиот директор Благоја Јовановски, хорот опстојува одржувајќи многубројни успешни настапи и освојувајќи голем број награди на фестивали низ целиот свет.
– Седумдесет години е голем период испреплетен со доста концерти, гостувања во странство, реализирање програма, онаа која сме ја зацртале го поминале со фолклорниот и хорскиот ансамбл, така да поминале преку 5000 членови во самото друштво, сите тие програми да ги усогласиш, да ги научиш тие членови да пеат и да играат е голема обврска и ние успеваме овие сите 70 години да бидеме од светската елита, истакна Јовановски.
Концертот во Делечво е во организација на Општината, чиј портпарол Даниела Такева, истакна дека Делчево треба да биде гордо што беше сведок на едно прекрасно доживување и прекрасни нумери интерпретирани од професионалци од Академскиот хор „Мирче Ацев“.
– Јас се надевам дека оваа соработка со Академскиот хор „Мирче Ацев“ ќе продолжи и понатаму, а всушност овој Новогодишен концерт нека биде загревање за делчевци на кои ќе им посакаме Среќна Нова Година и да бидат сведоци на многу вакви моменти и во наредната година, истакна Такева.
По овој концерт како дел од Новогодишната програма во Делечво се предвидени и концерти на културни уметничките друштва „Н.Ј.Вапцаров“ и КУД „Гоце Делчев“ кои ќе се одржат во текот на наредната недела.