Сашо Ристовски, досегашниот директор на НУ Театар Комедија е разрешен од функцијата поради неправилности во работењето, а како в.д. директор е поставена Нора Шаќири Марковиќ, известуваат од Министерството за култура.
„Поради неправилности во работењето, утврдени од вонредниот инспекциски надзор од Министерството за култура, денеска е разрешен Сашо Ристовски од функцијата директор на НУ Театар Комедија. При надзорот е утврдено дека директорот на театарот презел обврски над одобрените средства од Министерството за култура во вкупен износ од 8.734.486 денари без притоа истите да ги обезбеди од други извори. Со тоа е сторена повреда на чл.70 а, став 4 од Законот за култура“, известија од Министерството.
До изборот на нов директор, заради непречено фунционирање на оваа установа, за в.д. директор е назначена Нора Шаќири Марковиќ, вработена во театарот.
Ристовски не одговори на нашите повици да образложи што конкретно утврдил инспекцискиот надзор.