ВИДЕО: Награди за најдобра претстава и за визуелност за „Нашиот клас“ во Крагуевац

Од:

По вчерашната објава за двете награди на деветтиот фестивал „Јоакиминтерфест“ во Крагуевац – за најдобра претстава во целина и за визуелност, екипата од претставата „Нашиот клас“ на Театарот за деца и младинци денеска на прес-конференција искажа задоволство за постигнатиот успех во Србија.

„Нашиот клас“ е текст од полскиот автор Тадеуш Слобоѓанек, напишан во 2008 година, кој го тематизира погромот на Евреите во Полска. Праизведен бил во театар во Лондон, а Театарот за деца и младинци е петти што го поставува на сцена делото на Слобоѓанек, кое има добиено и многу книжевни награди.

Режијата е на Владимир Милчин, а сценографијата и костимографијата, на кои се однесува наградата за визуелност, е на сценографот Крсте Џидров и костимогарфката Марија Пупучевска. Наградите се освоени во конкуренција на седум други театри.

За учество во фестивалот оваа претстава ја избрал селекторот Горан Цветковиќ, кој присуствувал на премиерата во Скопје на 30 април годинава. Според него, македонската постановка е подобра од тие во Унгарија и во Литванија.

Најголеми пофалби претставата добила токму од  Цветковиќ, кој инсистирал оваа година „Нашиот клас“ да гостува во Крагуевац откако ја гледал премиерата во Скопје пред пет месеци. Селекторот, ѝ го дал најголемото признание велејќи дека од сите изведби на текстот кој ги проследил, оваа е неоспорно најуспешната.

Во образложението на жирито на фестивалот се вели дека „сите елементи на театарското дело се доведени до врвот, испреплетувајќи се така и толку што се претвораат во она другото. Пред нашите очи, вели жирито, костимот се претвора во актерска уметност, актерската уметност во архитектура, сценографијата во музика, музиката во збор, зборот во слика, сликата во мисла, мислата во глума“.

Како што вели режисерот, Владимир Милчин, образложението на жирито за двете награди вреди колку и самите награди.

– Во него се повторува реченица на нашите колеги дека ова е претстава во која сите елементи дишат заедно. Сите актери се активни од почеток до крај без оглед на тоа дали имаат или немаат текст. Таа колективна посветеност се повторуваше како лајт мотив. Никој не правеше разлика помеѓу возрасен и помлад актер, постарите делуваа како да се подмладиле, рече Милчин..

Тема на фестивалот во Крагуевац оваа година е „Војната во неа и околу неа“. Милчин вели дека „Нашиот клас“ точно ја погодува темата. Дејството се случува за време на Втората Светска војна во училница која функционира и како гасна комора. Приказната се осврнува на позицијата на Еврите и Полјаците во тогашните политички превирања. На прашањето како темата корелира со нашето секојдневие, режисерот вели дека не се само Евреите – Евреи, туку дека секој може да се најде во улога на жртва. Целта на уметникот, вели, е да ги воочи и на време да ги посочи епидемиите како фашизмот, расизмот и национализмот, пред да бидат изгубени човекови животи.

– Една од илузиите во кои живееше светот по Втората светска војна е дека никогаш повеќе нема да имаме погроми, антисемитизам, повампирен фашизам, но се покажа дека тоа не е вистина. Ако сакате и кај нас. Битола е град од кој најголем број Евреи се одведени во логорот Треблинка. Денеска таму се појавуваат кукасти крстови и антисемтиски пароли. Загрижува тоа што со летаргија се преминува преку овие појави и тоа може да биде крајно опасно. На ваквите појави треба да се реагира навремено за да не се прошири заканата од епидемија. Пикањето под килим е крајно неодговорно, а уметниците имаат дожност да бидат одговорни кон себе и кон општеството во кое живеат, рече режисерот.

Текстот, додава тој, е еден од најдобрите за поставување и зборува за пресвртот кога жртвата станува џелат поради своите фрустрации.

– Овој текст ќе има долг живот, веројатно ќе беше подобро да живееме во свет во кој вакви текстови нема, ама таков е светот во кој живееме, на овој свет му требаат вакви текстови, рече Милчин.

Пред гостувањето на фестивалот во Србија, претставата беше изведена и на прилепскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, како и на МОТ. За искуството во Прилеп, Довлев потсетува дека од 15 доделени награди, „Нашиот клас“ не доби ниедна. На прашањето како го толкува тоа, директорот вели дека е прашање на кое треба да се произнесат организаторите на фестивалот. Сценографот, Крсте Џидров, пак, смета дека имало нелојална конкуренција. Имено, победничката претстава „Вечната куќа“ беше за прв пат во историјата на фестивалот изведена на матичната сцена во новиот театар во МНТ.

– Не можеме да се натпреваруваме со технологијата, со светлата и со техничката опрема. Имавме нерамноправна борба, рече Џидров.

Директорот Драган Довлев, кој и самиот учествува во претставата, рече дека првпат Театарот за деца и младинци учествува во официјална конкуренција за меѓународен фестивал кој не е детски, а се враќа со гран-при од фестивалот годинава посветен на тема „Војната во нас и околу нас“.

Довлев истакна дека добиле многу комплименти и од жирито, и од колеги, и од публиката, за која јазикот не бил бариера иако имало превод на српски.

– Со овие две награди покажавме дека бевме во право во нашата желба и настојување да ја заживееме младинската сцена која долго време беше запоставена, реле Довлев, кој потсети дека претставата учествуваше и на МТФ „Војдан Чернодрински“ но од 15 награди не доби ниту една.

Режисерот Милчин е задоволен од соработката со екипата на Театарот за деца и младинци и рече дека меѓу квалитетите на претставата, на „Јоакиминтерфест“ била посочувана колективната посветеност.

– Од сите на фестивалот беше посочено дека сите елементи дишат заедно и дека сите актери во „Нашиот клас“ се активни од почетокот до крајот, без оглед дали имаат текст или немаат текст и дали се свртени со лице или со грб кон публиката. Таа колективна посветеност на овој ансамбл се повторуваше како лајтмотив, рече Милчин, кој е задоволен и од процесот на создавање на претставата, па затоа размислува за повторна соработка со Театарот за деца и младинци.

Покрај Довлев, во претставата играат и Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Бојан Кирковски и Ненад Митевски, а музиката ја компонираше Марјан Нечак.

Соработката на Театарот за деца и младинци и режисерот Владимир Милчин продолжува, тие планираат нова претстава.

– Насловот е „Денес не напишав ни збор“, тоа е реченица од дневниот на Данил Хармс, а претставата е замислена како една средба меѓу еден од најконтроверзните автори од советскиот период, Данил Хармс и големиот сликар Франциско Гоја.шпански сликар од 18. и 19. век, кој се смета за татко на модерната уметност.Тоа е текст што овде се раѓа и ќе се работи во текот на претставата, доколку за то добиеме зелено светло за тоа, рече Милчин.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска