Наградени дела на „Остен – Биенале на цртеж“ изложени во Прага

Од:

Галеријата „Остен“ со преку триесетина дела на македонски и странски автори, учесници на изложбата на 42.Меѓународно биенале на цртеж „Скопје 2014“, е претставена во Салонот на уметничката критика во палатата ,,Адриа” во чешкиот главен град Прага.

Изложбата под покровителство на македонската Амбасада во Прага со поддршка од чешкото Министерство за култура, свечено беше отворена синоќа од македонскиот амбасадор Паскал Стојчески и ќе трае до 13 септември, јави дописникот на МИА.

Чешката кураторка Власта Чихакова Ноширо, говорејќи за „Остен“ како препознатлив бренд во областа на уметноста, слободната мисла и слободното творештво со голема традиција уште од 1945, потенцираше дека уметноста не е само цртеж со молив на хартија, туку и ширината и разновидноста на уметничкиот израз.

– Како голем љубител на уметноста и пасиониран колекционер на уметнички дела, преку Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж „Остен“ ги презентира уметниците од светот, рече Чихакова Ношир, која подвлече дека на изложбата одлучила да бидат претставени дела на наградени автори.

Корнелија Конеска, извршна директорка во „Остен“, која заедно со Мице Јанкулоски од македонска страна се куратори на постановката, подвлече дека за Биеналето на цртеж како интегрален дел на манифестацијата Светска галерија на цртеж „Остен“ постои навистина голем интерес според бројот на пријавени уметници од целиот свет.

На отворениот конкурс пристигнале над 1.400 дела, од кои 747 биле цртежи испратени од 474 уметници од 53 земји во светот, што според неа, претставува поттик секое Биенале да биде подобро како израз на промоција на уметноста на хартија.

– Посветуваме внимание на новите трендови и на младите надежни уметници, но доделуваме и Гран При за животно дело на оние кои веќе одамна својата креативност ја слеале на хартија. Знаеме дека времето е важно и иднината е веќе тука, но оддаваме почит на оние кои го создале колективното културно наследство преку наградата за Светско културно наследство, рече Конеска.

Постановката во Прага ги претставува уметниците Марина Абрамовиќ (Црна Гора/САД), добитничка на Гран-при за животно остварување и Пјер Пиночели од Франција и Сафет Зец од Босна и Херцеговина, добитници на наградата Уметник на светот (Награда на САВУ – Светска асоцијација на визуелни уметности).

Чешката публика ќе има можност да ги види и делата на авторите од Македонија: Душан Перчинков, Александар Цане Јанкуловски, Трајче Блажевски, Мице Јанкуловски, Павле Кузманоски, Марк Јанура како и Ирена Гапковска (САД/Македонија).

Дел од Експозицијата се и Анка Буриќ, Александар Рафајловиќ, Крсто Андријашевиќ од Црна Гора, Ана Плавинскаја и Игор Јосифов од САД, Јармила Вешовиќ-Рус од Франција/Црна Гора, Бранислав Бркиќ, Ирена Пауновиќ, Андријана Даниловиќ од Србија, Александра Косон, Лукаш Герлак,Ана Свиталска- Јончик, Зофиа Палуча од Полска, Игор Лекшиќ и Ана Ратковиќ од Хрватска, Евгенија Демниевска од Франција, Ваватум Тенгаи од Тајланд, Јулиа- Мариа Игнат, Калин- Раул Антон од Романија, Виталиј Комар од САД, како и Едита Патова и Филип Буриан од Чешка.

Минатата година со над 150 дела, селектирани од 5.500 дела на 70-тина светски автори, Музејот на цртежи и графики на македонската галерија „Остен“ првпат и беше претставен на чешката публика со постановка во Прага.

Би можело да ве интересира

„На тенок мраз“ изложба на карикатури од Лазо Плавевски во МСУ – Скопје

Ана Ололовска

Во галеријата „Остен“ 53-та светска галерија на карикатури

Ана Ололовска

Изложба на карикатури на тема корона од Миле Манчевски

Ана Ололовска

Доделени наградите на „Остен биенале на цртеж – Скопје 2020“

Трета изложба на Остен по повод 75 години од постоењето

Ана Ололовска

„Остен“ одбележува 75 години со две изложби од 1 до 10 октомври

Ана Ололовска