МНТ одбележа три години од работењето во новата зграда

Од:

Македонскиот народен театар денеска одбележа три години од работењето во новата зграда кое почна со премиера на „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски. По тој повод беше отворена истоимена изложба на која се претставени костими и реквизити од претставата и беше прикажана кратка снимка од првата нејзината изведба на 7 декември 2013 година.

Директорот на МНТ Пројковски соопшти дека за три години МНТ имал над 330.000 гледачи и над 900 реализирани претстави, што е околу 300 годишно на малата и на големата сцена.

– Тоа е голема, завидна бројка со која, кога ќе се спореди со национални театари од регионот, МНТ може да се гордее со она што го прави во изминатите три години. МНТ е дрво со длабоки корени и мислам дека и новата зграда и се што сега го правиме сите е продолжување на историјата и на патот на сите големи актери, режисери и великани што работеле тука, истакна Пројковски. Тој  и се заблагодари на министерката Елизабета Канческа-Милевска за вложениот труд и заложби да се изгради новиот објект на театарот.

Истакна и дека МНТ во последниот период има интензивна меѓународна активност, бидејќи само во овој месец со три претстави гостуваше во три земји (Полска, Русија и Романија), а првпат годинава Македонскиот народен театар имаше копродукција со престижниот Винер фествохен.   – Полека, но сигурно МНТ се наметнува како важен театарски центар во Југоисточна Европа, додаде Пројковски.

Пред актери од МНТ и директори на други театри од Македонија зборуваше и Дејан Лилиќ кој беше  директор кога МНТ пред три години се пресели во новиот објект.

– Чувството што го имавме тогаш беше многу шарено, неверојатно, чувство кое никогаш оваа генерација наша не можела да го доживее. Но, имавме една водилка која не води во сите претстави што ги создаваме, а тоа е вербата. Да ја немавме вербата, немаше да го имаме ова. Не можат ништо да ни земат – ни талентот, ни срцето, ни душата, но не можат да ни земат уште една работа, а тоа е нашиот Македонски народен театар и оваа прекрасна зграда. Затоа што тој не сплотува сите нас, овие генерации, минатите и иидните генерации, и ќе остане, без разлика на забот на времето кој може да избрише и да заборави. Тој ќе остане, за среќа, вечен, рече Лилиќ.

Покрај подготовката на репертоарот. во МНТ се создава и театарскиот музеј кој ќе биде составен дел на институцијата.  Собрани се повеќе од 20.000 предмети меѓу кои и експонатите од претставите изведени во последните три години. Тие се презентираат на изложби во театарот и досега се организирани околу десет.

Македонскиот народен театар во новиот објект минатата година на 3 април го прослави и седумдеценискиот јубилеј од постоењето, односно од изведбата на првата изведена претстава во 1945-та – „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ