„Политика“ е насловен последниот, четврт албум, на веќе култната скопска група на музичките активисти „Бернајс пропаганда“ (Bernays Propaganda). Албумот, кој претставува пресвртница во работата на групата, е објавен во ЦД и ЛП формати, а достапен е и за слободно преземање.
Го издаде словенечката независна издавачка куќа „Мунли рекордс“ (Moonlee Records).
Првичните рецензии и критики и кај домашните и медиумите од регионот (Хрватска, Словенија) кои излегоа по објавувањето на албумот на 14 март, се исклучително позитивни. А билетите за скопските концертни настапи најавени за 25 и 26 март, во МКЦ се речиси распродадени.
Веќе на првото слушање е очигледно дека со новиот албум групата „Бернајс пропаганда“ се претставува во поинакво светло. „Политика“ кокетира со електронскиот њу-вејв, кој им ги одзема острите рабови на гитарите, додека темпото на песните го диктира ритам-машина. Станува збор за храбар потег на групата, која се осуди на својот четврти албум да го промени звукот и на тој начин да ги прошири хоризонтите на својот музички израз, пишуваат од „Мунли рекордс“.
Освен музичката промена кон повеќе електронски звук, внимание привлекуваат нивните политички ангажирани текстови, тие се прецизен, горчлив одраз и бескомпромисен коментар на реалноста што ја живееме.
Групата за само пет години издаде три албума, имаше неколку европски турнеи, а минатата година свиреше и во САД.
„Бернајс пропаганда“ летово отвори ново поглавје во работата на бендот. По промените во поставата, најави и нов звук и тоа со новиот албум го реализираше. Сегашни членови на групата се вокалистката Kристина Горовска, Васко Атанасоски (гитара), Саша Павловиќ (бас-гитара) и Дени Kрстев (програмирање ритмови).
По скопската промоција на 25 и 26 март, кои се речиси распродадени, бендот заминува на голема европска турнеја. Во текот на април и мај групата ќе замине на едномесечна европска турнеја (14 април до 14 мај), која ќе опфати градови од регионот и во Европа, и ќе настапи во Србија, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Чешка, Словачка и Австрија.
А.Б.